за

Лимузината од серијата 1 на BMW се продава и во Мексико

лимузина од серијата 1 на BMW

BMW стартуваше со продажба на лимузинската изведба од серијата 1 на мексиканскиот пазар. Моделот требаше да биде достапен само во Кина, но и други пазари покажуваат интерес за згодната лимузина

BMW пред неполни две години најави лимузинска верзија од серијата 1 за кинескиот пазар. Во меѓувреме стартуваше продажбата, традиционалните „лимузинољупци“ со одушевување го прифатија моделот. Но, Кина нема да остане единствен пазар за овој автомобил. Од овој месец, седанот од серијата 1 на BMW се продава и во Мексико.

Лимузината веќе ја користи платформата од идната генерација на серијата 1 на BMW

Со должина од 4,46 метри, компактниот седан со фабричкиот код F52 е за дваесетина сантиметри подолг од серијата 1. За разлика од стандардната „единица“, седанот ја користи платформата UKL2, заедно со новиот X1 и вановите од серијата 2, што значи дека и погонот не е назад, туку напред. Задните врати се подолги во споредба со комбилимузината, што дополнително го олеснува пристапот.

BMW Serija 1 Sedan Meksiko 1

Стандардно следуваат трите режими на работа на погонската спрега на „Driving Experience“, односно комфорт, спорт и еко-про. Популарната есторил-сина боја од „M GmbH“ за првпат се нуди и во стилската варијанта Sport Line, место само во M Sport.

Автоматски менувач во задолжителна комбинација

Два мотора стојат на располагање во лимузинската изведба на серијата 1, вообичено „бемвеовски“ набиени со технологија: Директно впрскување под висок притисок и централни инјектори, турбо, Valvetronic и Vanos. Во BMW 120iA Sport Line работи дволитарец со 192 КС и 280 њутнметри, во комбинација со осумстепен Steptronic. Спринтот до темпо сто трае 7,5 секунди, крајната брзина е ограничена на 235 km/h. Според фабрика, потрошувачката изнесува 6,3 литри на сто километри.

BMW Serija 1 Sedan Meksiko 3

Во BMW 118iA Sedan Sport Line работи 1,5-литарскиот трицилиндарец со 136 КС и 220 њутнметри, исто така во комбинација со автоматски менувач, но со 6 степени. Спринтот тука трае 9,4 секунди, крајната брзина е лимитирана на 212 km/h. Потрошувачката, шест литри.

Цената на 118iA за пазарот во Мексико изнесува 469.900 пезоси, односно околу 21.200 евра, додека посилниот модел чини околу 24.600 евра. За споредба, комбилимузинскиот BMW 118iA Sport Line со пет врати чини 20.300 евра на мексиканскиот пазар.

BMW Serija 1 Sedan Meksiko 4

Неизвесно е дали лимузинската варијанта ќе се приклучи во понудата во серијата 1 на европскиот пазар, иако во неа веќе работи техниката од идната генерација на „единицата“, чијашто премиера се очекува во почетокот на следната година. Со преоѓањето на платформата UKL2 и на преден погон, Баварците ќе заштедат околу 750 евра по автомобил. Оваа заштеда веројатно ќе се искористи за техно-буст во новата генерација. Платформата од X1 & Co. ќе донесе и повеќе простор во кабината, како и можност за електификација на задната оска, по пример на 225xe Active Tourer.

BMW Serija 1 Sedan Meksiko 5

Во меѓувреме и Mercedes ја подготвува европската верзија на седанот од новата A-Class, откако продолжената изведба пред неколку месеци имаше премиера во Кина. Audi A3 уште во 2013 година ја приклучи лимузината во гамата на својот компакт.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin DBS Superleggera

Aston Martin DBS Superleggera со дозвола за ниско надлетување

aerodrom ber volkswagen

Volkswagen ќе паркира 200.000 автомобили на авионска писта