Фановите на BMW сигурно нема да ја пропуштат аукцијата што во сабота на 23-ти мај се одржува онлајн, во организација на англискиот специјалист Silverstone Auctions. На овие ознаки „збеснуваат“ фановите на баварската марка: Е9, Е28, Е30.
Онлајн-наддавањата зачестуваат во време кога авионите не летаат и луѓето внимаваат да не се движат многу во групи, заради пандемијата. Специјалистот Silverstone Auctions во сабота на 23-ти мај веќе го одржува следното наддавање. Вкупно 86 автомобили ќе бараат нови сопственички и сопственици.
Тоа што посебно го привлекува вниманието се трите „парчиња“ BMW од колекцијата на Џеј Кеј, фронтмен на Џамироквај и деклариран автомобилски ентузијаст уште од снимањето на спотот за „Вселенското девојче“.
Еден од автомобилите на Џеј Кеј има посебна вредност. Станува збор за првиот од вкупно 500 примероци од купето од генерацијата Е9 во верзија 3.0 CSL од 1972 година, со волан од десната страна и со легендарната шамони-бела боја. Автомобиот има извозено само 62.000 милји, односно точно 100.000 километри. Вредни детали се вградени фабрички, како електрика на прозорците, дополнителна изолација, целосни браници и бели проширувања на арките на крилата. Вредноста се проценува меѓу £135,000 и £155,000.
Вториот примерок на BMW од колекцијата е Alpina B9 3.5 (E28) од 1983 година, исто така со десен волан и мануелен менувач. Се верува дека ова е еден од само 18 останати примероци од оваа изведба. Музичарот го набавил автомобилот пред девет години. Цената: Од £25,000 до £30,000.
Последниот автомобил е E30 од 1987 година, подготвен за трки. Џеј Кеј го подготвил за Рели Мајорка во март 2020, како зеро-кар. Автомобилот е подготвен за ридски патеки и за рели. Вредноста се проценува меѓу £48,000 и £56,000.