за

BMW M6 тјуниран од G Power со 1.001 коњска сила

Тјунерската работилница G-Power ја исполни желбата на купувач од Арапските Емирати за остварување на соништата за „автомобилска 1001 ноќ“ и го создаде овој M6 со точно толку коњски сили.

Уникатите се специјалност на тјунерската работилница G-Power од германскиот Аресинг. Екстремите исто така. Ништо не смее да е неостварливо, ниту еден предизвик не смее да биде преголем, само со цел да се исполнат автомобилските соништа на ентузијастите. Последниот екстрем на G-Power официјално ја носи ознаката G6M V10 Hurricane CS ultimate и возилото е изработено по нарачка на купувач од Арапските Емирати.

Анонимниот купувач побара германската куќа да му испорача ултимативно спортско возило коешто ќе извлече максимум од легендарниот мотор V10, којшто е конструиран според класичниот принцип на високи вртежи и влече гени од формула 1. G-Power го модифицираше секое подрачје на возилото, од каросеријата и моторот, до подвозјето и ентериерот.

Темелни промени во каросеријата заради модификациите на механиката

Најочигледните промени во изгледот се забележуваат на каросерискиот кит Hurricane, со широки крила, спојлери за оптимирање на аеродинамиката и огромни отвори за воздух. Каросерискиот кит целосно е изработен од карбон, специјално и единствено за екстремниот G6M, само како основа за модификациите што потоа се извршени во механиката на возилото. Петлитарскиот мотор V10 со 1.001 КС и вртежен момент од 900 њутнметри е способен да го потера болидот до 372 километри на час.

Петлитарскиот мотор V10 со 1.001 КС и вртежен момент од 900 њутнметри е способен да го потера болидот до 372 километри на час
Петлитарскиот мотор V10 со 1.001 КС и вртежен момент од 900 њутнметри е способен да го потера болидот до 372 километри на час

Моќта е постигната со бикомпресорскиот систем SK III што G-Power го развива веќе со години и моментно го постигна максимумот во овој CS ultimate. Доводот на воздух со ефект Ram-Air е оптимиран, ладилниците за вода и масло се зголемени, исто како и интеркулерите, софтверот е соодветно дотеран, но е вграден и ултралесен издув изработен од титаниум, заедно со тркачки катализатори. Моторот „издишува“ низ две издувни цевки од 120 милиметри вградени средишно, со звук што потсеќа на формула 1.

Соодветно на енормната моќ е модифицирано и навојното подвозје со можност за дотерување, вградени се лесни керамички сопирачки со дискови од 400 милиметри, зад ковани бандажи Hurricane RR од 21 инчи, изработени од алуминиум што се користи во аеронаутиката, со гуми 225/25 напред и 295/30 назад.

Само ентериерот вреди колку стандарден M6

Буквално сите површини во кабината се обложени со најквалитетна кожа изработена во „карбонски финиш“ и мека алкантара. Штеповите се изведени во боите на  M GmbH, а таванот е обложен со алкантара, вклучувајќи лента од светлечки диоди и плакета со името на возилото и на сопственикот. Се седи на карбонски тркачки школки, во инструментите доминира брзиномерот со скала до 400 km/h, вратите се обложени со карбон и во нив впечатливо е испишано името G6M Hurricane CS ultimate. Целата средишна конзола и делови од арматурната табла исто така се обложени со карбон.

Уникатниот болид веќе пристигна со авионски превоз кај сопственикот во Арапските Емирати. Неговиот прв коментар: Мисијата автомобил од соништата е исполнета…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилот на Google ќе почне да вози летово

600 коњски сили во Audi TT clubsport turbo concept