за

BMW M4 GTS Concept: Водата во бензинот му годи на овој мотор

BMW го подготвува за палење следното експлозивно полнење на моторот во M4. На собирот во Монтереј ќе доживее премиера концептот M4 GTS, со необична технологија во моторот. Целта е да се победат 510-те КС на AMG 63 S.

Многумина фанови на M4, односно некогашното купе M3, беа разочарани кога BMW го претстави новото издание со „само“ 431 КС, односно со кусок од преку 80 КС во споредба со најжестокиот конкурент, тогашниот Mercedes C 63 AMG Coupe Black Series со 517 КС. Одговорните во M GmbH мака измачија да им објаснат на обожувателите на моделот дека суштината на спортските автомобили не е секогаш моќноста, туку многу повеќе треба да се ценат темпераментот и лесното качување вртежи, брзата реакција на моторот, како и соодносот меѓу моќноста и тежината на возилото. На крај, сепак се докажа дека BMW M4 е во предност и со пониската тежина од „само“ 1,6 тон.

Две спектакуларни возила во Монтереј за 40-годишнината на BMW во САД

Со неколку корекции во дизајнот и во оригиналните бои, Hommage R веќе заслужува да се води како идеен наследник на 3.0 CSL од 1970-те
Со неколку корекции во дизајнот и во оригиналните бои, Hommage R веќе заслужува да се води како идеен наследник на 3.0 CSL од 1970-те

На претстојната автомобилска недела во Монтереј, Баварците ќе покажат дека од нивниот M4 може да се извлече многу повеќе. Покрај концептот M4 GTS, на овој ексклузивен собир на ентузијасти и колекционери од другата страна на океанот ќе биде прикажана и благо видоизменета верзија на студијата 3.0 CSL Hommage, позната од сличниот собир на езерото Комо, во Италија. Поводот за целата оваа помпа е одбележување на 40-годишнина на работата на BMW во Северна Америка и на тркачките успеси на BMW 3.0 CSL од 1975 година.

Од BMW не откриваат многу детали за концептот на база на M4, но затоа е сосема извесно дека BMW M4 GTS ќе се појави во ексклузивна серија напролет. Со грижлива доработка на каросеријата и погонот се симнати околу 50 килограми од тежината на купето, додека со примената на впрскување на вода во комората за согорување – што е иден технолошки чекор на Баварците во моторите – може да се очекува моќноста на трилитарскиот турбо да порасне на најмалку 500 КС. Актуелниот Mercedes-AMG C63 S доаѓа до 510 КС со неговиот битурбо V8. Со овој третман, купето ќе биде способно да постигне преку 300 km/h.

Впрскувањето вода е следниот технолошки трик на инженерите на M GmbH

Зголемената моќност е постигната со промени во контролната електроника на моторот и со самото впрскување на гориво во комората за согорување, како техника што веќе се користи во безбедносниот автомобил во Мото ГП. Функцијата на оваа техника е впрскување водена магла во вшмукувачката гранка при повисоко оптоварување на моторот, со цел да се намали температурата на воздухот и со тоа да се постигне подобро согорување. Се намалува и опасноста од самодетонација на горивото, а моторот може да работи со поголем притисок на натполнење и со порано палење на работната смеша.

За спектакуларниот изглед на концептниот автомобил се грижат каросеријата лакирана во мат боја, бандажите од 20 инчи, карбонските спојлери и прагови, како и хаубата од карбон. Серискиот модел M4 GTS ќе биде прв модел на BMW со задни светла со органски диоди (OLED), со коишто графиката на светлата се исцртува со попрецизна контура.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Убаво направено: Mercedes C-Class Coupe

Во експлозијата во Кина изгорени илјадници нови автомобили