за

BMW M4 DTM: Овој BMW ќе ги носи Mercedes и Audi во заби

Баварците се подготвени за трка. Најголемиот дел од подготовките на M4 за новата сезона во германскиот шампионат DTM се завршени, остануваа само уште фино брусење.

Уште пред да почне ланската сезона во германскиот шампионат со туристички возила DTM, инженерите на BMW Motorsport добија задача да го развијат новиот BMW M4 DTM. Првите тестирања во аеродинамичен тунел беа на 22-ри април, а неколку месеци подоцна почна да се работи и на подвозјето. Во декември новите компоненти се тестираа на тркачка патека, во тогашниот M3 DTM, за непосредно пред преминот во новата година да стартува и производството на конечните делови за шасијата на M4 DTM. Првите возила беа составени во почетокот на февруари. По само 300 денови од првиот тест во аеродинамичен тунел, BMW M4 DTM доживеа огнено крштевање на 11-ти февруари на шпанската патека Монтебланко.

bmw m4 dtm1

Тркачките гени се вградени уште во серискиот M4 Coupe

Како основа за тркачкиот болид се користи сериската верзија на M4 Coupe, при чијшто развој беше предвидена неговата тркачка иднина. Возачот во DTM, Бруно Шпренглер, учествуваше во завршното дотерување на серискиот M4 и уште тогаш го има оценето дека „подвозјето на M4 Coupe е дотерано крајно спортски, од предната оска доаѓа екстремно директна повратна информација, а држењето на задната оска е феноменално. Ова возило е совршена основа за нашето тркачко возило за DTM.“

bmw m4 dtm2

Аеродинамиката игра пресудна улога во DTM. Исто како кај серискиот модел, воздушните завеси (air curtains) во предниот дел го намалуваат отпорот на воздух и кај тркачкиот M4. Овие канали за воздух се стеснуваат навнатре и на тој начин го забрзуваат струењето на воздухот низ предниот браник, го спроведуваат до тркалата и ги смалуваат турбуленциите во поткрилата. Впечатливото втиснување во средината на покривот ја смалува челната површина, а со тоа и отпорот на воздух. Задното стакло е поставено под поблаг агол за оптимално да го носи воздухот до задниот спојлер.

Олеснување од близу 400 килограми

Тркачкиот М4 заедно со возач тежи 1.110 килограми, наспроти 1.497-те килограми кај стандардниот модел. Оваа заштеда е постигната со примена на карбон и алуминиум. Најголемиот дел од каросеријата на BMW M4 DTM е изработена од овој ултралесен и цврст материјал. Со смалувањето на тежината на овој начин секако дека се спушта и тежиштето на возилото, што е пресуден фактор на тркачката патека.

bmw m4 dtm4

Моторот со 480 КС е спринтер и маратонец во едно

Моторот P66 во M4 DTM постигнува околу 480 КС, во согласност со техничката регулатива што го ограничува дотокот на воздух. Тој е составен од 800 различни компоненти и 3.900 единечни делови. Осумцилиндарецот во M4 DTM е спринтер и маратонец во едно. Забрзувањето до сто трае три секунди. Поради тоа што за осумте возила на BMW во шампионатот има само десет мотори за целата сезона, издржливоста имаше приоритет при развојот на моторот. Преносот на сила се врши преку секвенцијален менувач со шест степени со пневматска контрола преку командите на воланот. Менувачот е ист за сите возила во DTM и поседува единаесет дозволени преносни односи, преку кои што инженерите и возачите можат да го приспособат возилото според за патека.

bmw m4 dtm3

Технички податоци BMW M4 DTM

Шасија: Монокок од карбон со интегриран резервоар и челична структура за заштита при превртување; зони на гмечење од карбон напред и назад
Должина/Ширина/Висина: 4.775 mm/1.950 mm/ca. 1.200 mm
Резервоар: 120 литри
Мотор: 90° V8 атмосферски мотор, 4 вентили по цилиндар, ограничен доток на воздух според регулативата 2 x 28,0 mm
Работна зафатнина: 4.000 ccm
Моќност: ca. 480 PS
Максимален вртежен момент: ca. 500 Nm
Контролна електроника на моторот: Bosch MS 5.1, средишен дисплеј
Менувач: секвенцијален менувач со 6 степени, со пневматско активирање преку команди на волан; 4-ламелна спојка од карбон ZF Sachs; приспособлива ламелна блокада на диференцијал
Предна/Задна оска: Две триаголни водилки со амортизери со дотерување во 6 степени; спирални пружини H&R
Сопирачки: хидрауличен систем; моноблок сопирачка клешта од лесен метал; вентилирани карбонски сопирачки напред и назад; безстепено дотерување на распределба на сила на сопирање од страна на возачот; електромагнетски вентил за стартување
Бандажи: Ковани алуминиумски бандажи 18″ x 12″ напред, 18″ x 13″ назад
Гуми: Hankook; напред: 300-680-18, назад: 320-710-18

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јапонија останува водечка сила во автомобилите на струја

Премиера на CarPlay: Apple во секој автомобил