163
21 shares, 163 points

Специјалната серија на BMW M4 во чест на ДТМ има и специјален карбонски покрив. Техничарите пронајдоа начин да ја изведат тробојката на M GmbH директно во карбонската структура, трајно и ефектно. Само за 750 автомобили.

Во фабриката на BMW во Ландсхут се изведува посебна техника за додавање боја во карбонскиот покрив. Специјалната серија на BMW M4 Coupe, како дел од традициската „M Heritage“ и по пример на тркачкиот BMW M4 DTM, ќе се изработи во само 750 примероци и ќе има уште еден мошне препознатлив детал, покрај карбонскиот покрив. Поточно, дополнителниот детал е во самиот покрив.

Тробојката на M GmbH – светлосина, темносина, црвена – сега е вметната во самиот карбонски материјал за покривот. Ленти во овој стил досега се лепеа или се прскаа по пат на класичен ербраш. Но, ова решение не е трајно и мошне е скапо.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Експертите во погонот за работа со карбон во фабриката на BMW во Ландсхут имаат поквалитетна изведба, а најдоброто – таа може во иднина да се користи и во сериското производство. Постапката засега е единствена во светски рамки и дозволува бојадисаните ленти да се вметнат во карбонската структура на покривот. Лентата практично е втопена во карбонските влакна, со што се постигнува трајност на бојата и на нејзината заситеност, како и формата.

Лентите во карбонската структура се уште еден пример за перфекцијата што умеат да ја понудат германските производители

Со слојот смола околу бојадисаните ленти се постигнува и посебен ефект. Лентата изгледа како да е подлабоко во покривот и има мошне заситена боја. Структурата на карбонот се забележува и во бојадисаните ленти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Освен покривот со трите ленти, M4 Edition / M Heritage има и посебни карбонски лајсни во кабината, посебни прагови и вешто изведени штепови. Специјалната серија на M4 Coupe е достапна во три ексклузивни бои – лагуна сека сина, виолетово сина металик и имола црвена.

Моторот е шестцилиндарец со 450 КС и M TwinPower Turbo. Серијата ќе се изработува меѓу ноември 2019 и април 2020 година и ќе биде достапна глобално.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

163
21 shares, 163 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *