за

BMW M4 Cabrio: Лудило на 431 КС без покрив над глава

Едно е да се имаат 431 КС под нога, друго е да се вози без покрив над главата. BMW M4 Cabrio овозможува уживање во обете работи истовремено.

Во првиот викенд од септември во салоните на BMW ќе се најде и кабриолетот од најмоќната верзија на серијата 4, со што ќе се заокружи моделското семејство на тркачкиот болид маскиран во цивилна каросерија. Кабриолетот е воедно и најскапата моделска верзија во серијата 4.

Од секоја генерација на претходникот M3 Cabrio во просек се произведуваа и продаваа по околу 15.000 примероци, така што овој спој од моќна технологија преземена од трките и уживање во возење под отворено небо отсекогаш претставувал најексклузивна можност за возење на M3. Тие што повеќе се посветени на спортското возење, сепак попрво ќе се решат за класичните верзии на M3 или M4. Во германскиот ценовник, M4 Cabrio чини 78.200 евра – кој сака и може, нека повели.

На сопствениците на брзиот кабриолет не им е доволно тоа што возилото е реткост на улиците само по себе и обично инвестираат дополнително, за нивното возило да го направат уште поексклузивен и повпечатлив. Се доплаќа за карбон-керамички сопирачки со клешти во златна боја со цена од 7.900 евра, кои пак може да се монтираат само доколку се нарачаат и бандажи од 19 инчи, за дополнителни 1.850 евра. Меѓу омилените ставки на идните сопственици на M4 Cabrio ќе бидат и кожените седишта „Merino“за 3.400 евра, коишто „задолжително“ одат во комбинација со ексклузивна боја на каросеријата за 1.950 евра. Затоа е сосема вообичаено на крајот да се дојде до цена од преку 100.000 евра, вклучувајќи го седумстепениот менувач со двојна спојка за 3.900 евра.

Кабриолетот од серијата 3 „дотеран“ во M Motorsport GmbH се појави првпат во 1988 година, тогаш сé уште со само четири цилиндри и со платнен покрив. Во петтата генерација на моделот, којшто сега се води како M4, под хаубата работи шестцилиндарец со турбонатполнење, а триделен преклоплив покрив од метал го претвора возилото во купе, кога времето ќе се расипе. Во претходникот од 2007 година работеше дури и мотор V8 со 420 КС. Во овој период од првиот M3 Cabrio до актуелниот модел, моќноста се зголеми повеќе од двапати, додека типичните „бубрези“ во маската пораснаа дури четирипати.

Отворената верзија на M4 ужива посебно место во моделската понуда на BMW, затоа што кабриолетите од серијата 1 и серијата 6 имаат традиционален платнен покрив. Спуштањето и подигнувањето на покривот трае по 20 секунди, во движење со брзина до 18 km/h. Тоа е напредок во однос на претходникот, кај когошто мораше да се запре за промена на положбата на покривот.

Триделниот покрив тежи 70 килограми. Кога покривот се собира наназад за да се сокрие под капакот на багажникот, драстично се менуваат распределбата на тежината меѓу оските и тежиштето на возилото. Покрај тоа, механиката на покривот, со многубројните лостови, сајли и зглобови мора да работи крајно прецизно, а свиткувањето на каросеријата при возење по нерамен пат само би го попречило тоа. Поради тоа, брзината до којашто „функционира“ трансформацијата на покривот во движење мораше да се ограничи на само 18 km/h.

Откако покривот ќе се спушти или подигна, повеќе нема сила што може да го спречи забрзувањето на M4 Cabrio. За струењето на воздухот да не допира во кабината може да се доплати за ветерна брана (360 евра), а кога ќе почне да застудува, од помош ќе бидат опционалните дувалки со топол воздух во седиштата (400 евра).

Трилитарскиот мотор го постигнува максималниот вртежен момент веќе при „дизелски“ 1.850 вртежи, што овозможува релаксирано возење и ретко посегнување по менувачот. Ако возачот се реши сам да командува со менувачот преку палките зад воланот, тогаш може да го потера кабриолетот до 100 km/h во вториот степен и дополнително да ужива во звукот на моќниот шестцилиндарец – тоа е задолжителна „вежба“ со спуштен покрив.

 

Технички податоци · BMW M4 Cabrio

  • Должина x ширина x висина (m): 4,67/1,87/1,39
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,81
  • Мотор: R6-Biturbo, 2979 ccm
  • Моќност: 317 kW / 431 КС при 5500 – 7300 врт/min
  • Вртежен момент: 550 Nm при 1850 – 5500
  • Крајна брзина: 250 km/h (ограничена)
  • Забрзување 0 до 100 km/h: 4,4 s. (со менувач со двојна спојка)
  • Просечна потрошувачка: 8,7 литри
  • Тежина на празно возило / носивост: 1865 kg / 460 kg
  • Багажник: 220 – 370 литри
  • Гуми: 255/40 ZR18 (напред) / 275/40 ZR18 (напред)
  • Основна цена: 82.100 евра (со менувач со двојна спојка)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибридниот Golf GTE e „суперголфот“ на денешницата

Технологијата што го освои светот: 25 години на Audi TDI