Техниката од медицината му овозможува на BMW побрзо да ги развие новите технологии за сериско производство. Станува збор за гигантски компјутерски томограф, со четири роботи кои снимаат илјадници пресеци од цел автомобил
BMW е првиот производител на автомобили кој користи компјутерска томографија при развојот, изработката и анализата на комплетни прототипи. Технологијата од медицината се користи и за проверка на квалитетот на моделите на Mini и Rolls-Royce, уште во најраната фаза од развојот.
Четири роботи кружат околу прототипите и снимаат илјадници пресеци. На тој начин се проверува примената на иновациите, на новите материјали и на новите техники на спојување, без потреба од оштетување на воизлото. Досега прототипите мораа да се расклопат до најситниот дел, заради проверка. „Рентгенологијата“ се наоѓа во пилот-фабриката на BMW во Минхен, односно во познатиот центар FIZ кадешто времето брои неколку години или децении понапред.
Користа е во тоа што новите технологии може побрзо да се развиваат до сериско производство, а паралелно ќе продолжи да расте и квалитетот на автомобилите од групацијата. Рентгенот и „це-те“ и досега се користеа, но само на статички уреди и за помали компоненти. Новиот центар буквално отвора нови димензии, за работа со комплетни возила.
Прецизноста при анализирањето е во микрометарското подрачје. Тоа што се проверува е на пример состојбата на каросеријата пред и по лакирањето. Таа се изложува на големи температурни оптоварувања при лакирањето, што може да доведе до несакани влијанија врз лепените споеви. Со рентгенски зраци во иднина ќе се проверуваат и варовите и „штанцувањата“, односно преклопните споеви.
Технологијата се усовршуваше во последните две години, во соработка со Центарот за развој на рентгенска техника во рамките на познатиот институт Фраунхофер.
[FAG id=33778]