Групацијата BMW отсега самостојно го набавува кобалтот што е една од клучните суровини за изработка на батериски ќелии. За таа цел е потпишан договор со мароканската компанија Managem, којашто ќе го испорачува кобалтот од своите рудници. Договорот е во вредност од 100 милиони евра, а количината одговара на една петина од вкупната потреба на BMW за своите електрични возила. Останатите четири петини ќе пристигаат од Австралија. Договорот важи до 2025 година.
BMW планира до 2023 година да нуди 25 модели со електрифициран погон, од кои половината со погон само на струја. Покрај BMW i3, чијашто продукција надмина 160.000 примероци, од моделите што возат само на струја, групацијата моментно го нуди Mini, следeн е BMW iX3, во 2021 година пристигаат кросоверот iNext и BMW i4. Во следните пет години, компанијата очекува трикратно зголемување на потребата од кобалт.
При набавката на суровини се посветува многу внимание во нивното потекло, со цел да се испочитуваат сите стандарди за зачувување на животната средина, како и човечките права. BMW на својот вебсајт објавува од кои земји го набавува кобалтот. Годинава ќе почне и самостојна набавка на литиум, кој понатаму ќе им се испорачува на двата производители на батериски ќелии CATL (договор со 2031 година, вреден 7,3 милијарди евра) и Samsung (до 2031 година, 2,9 милијарди евра). Од следната година, BMW повеќе нема да користи ретки метали во своите батерии.
За производството на батерии се користи само зелена струја, а количината на СО2 од којашто на тој начин ќе биде поштедена животната средина изнесува 10 милиони тони во следните 10 години. За производство на автомобил со погон на струја, околу 40 проценти од емисијата на СО2 отпаѓаат на изработката на батеријата.
BMW самостојно произведува батерии во Динголфинг / Германија, Спартанбург / САД и Шенјанг / Кина. Со групацијата Dräxlmaier се произведуваат батерии и за локалниот пазар во Тајланд. Технолошки партнери во подрачјето на батериите се шведскиот производител Northvolt и белгиската компанија Umicore, којашто работи на развој на материјали за батерии.
Продажбата на електрични возила во следниот период ќе се зголемува за околу 30 проценти годишно. Од 2021 година, уделот на електрични возила ќе достигне една четвртина, во 2025 година тој ќе се зголеми на третина, а во 2030 година половина од продажбата ќе отпаѓа на електрични и плагин хибридни возила.
До крајот на минатата година, BMW продаде повеќе од половина милион електрични или плагин хибридни автомобили.