за

BMW прославува во 2020: Моделот што го втемели спортскиот имиџ на марката (Втор дел)

bmw 3-15 roadster typ wartburg
bmw 3-15 roadster typ wartburg

Додека светот уште насетува каква ќе биде 2020 година, групацијата BMW уште еднаш нé потсетува на минатото и ги најавува јубилеите што претстојат: 100 години од првиот боксер-мотор, 90 години од првиот родстер, 80 години од победата на Миле Миља и 60 години на моделска разновидност на марката Mini.

Компанија што постои 104 години има многу приказни за раскажување и многу јубилеи за одбележување. Тоа што е посебен „дар“ на автомобилите и воопшто возилата од секаков вид, тоа е нивната способност да нé вратат во минатото или барем да ни го доловат духот на некои времиња што биле пред нас. Историјата на автомобилите никогаш не е само во автомобилите, туку и во луѓето, во техниката, во културата.

Во вториот дел:

Роберт Колрауш и неговите победи со BMW 3/15 PS DA 3 „Typ Wartburg“ пред 90 години

Најдолгиот јубилеј што баварската групација го одбележува во 2020 е стогодишнина од првиот боксер мотор на BMW, кој ги поставува основите за неколку години подоцна да стартува производството на мотоцикли. Вториот голем јубилеј е 90 години од првиот родстер на BMW, којшто понатаму ќе донесе голем број вредни победи за марката.

Трките со мотоцикли се премногу опасни во тоа време. Само од таа причина, младиот инженер Роберт Колрауш во 1930 година добива спортски автомобил како подарок од својот татко. Уште при првата трка на 15-ти јуни 1930 година, на ридската трка на Каселберг, Колрауш победува во класата на спортски автомобили со зафатнина до 750 сантиметри кубни.

Моделот е именуван според Вартбург, замокот кој е заштитен знак на градот Ајзенах

Автомобилот е произведен во Ајзенах, градот во којшто живее Колрауш. Моделот е BMW 3/15 PS DA 3 „Typ Wartburg“, именуван по замокот што е заштитен знак на градот Ајзенах. Тоа е првиот родстер што BMW го произведува по само една година од своето деби како производител на автомобили.

Моќноста на моторот е зголемена на 18 КС, што е сосем пристојно покрај 400-те килограми на родстерот. „Боби“ Колрауш е првиот возач што ги искористува предностите на автомобилот за да победи на трка. До 1933 година, тој победува на 27 трки во Германија и на интернационално ниво со првиот родстер на BMW. Така се создаваше имиџот на спортска марка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со овој автомобил воедно почнува и долгата 90-годишна традиција на родстери на BMW. Наследниците BMW 315/1 и BMW 319/1 продолжуваат да победуваат на трките, исто како и BMW 328, кој со текот на времето ќе прерасне во најуспешен спортски автомобил од германска марка.

BMW 507 од 1955 година исто така учествуваше на неколку трки, меѓутоа овој родстер денес повеќе одушевува со својата форма и со имиџот на автомобил од соништата. Историјата на родстерите понатаму ќе го донесе BMW Z1, како технолошки револуционерен модел. Следниот родстер беше Z3, првиот автомобил на баварците конструиран и произведен надвор од Германија. Двоседот пристигаше од фабриката во Спартанбург, САД.

Важно поглавје одбележа и Z8, замислен како обновување на духот на BMW 507, кој се произведуваше релативно кусо, но сцената уште долго ќе го помни. Овој елегантен автомобил своевремено се појави и во филмскиот серијал за Џејмс Бонд. Актуелниот Z4 е развиен во соработка со Toyota.

Во третиот дел ќе читате: 80 години од победата на Миле Миља и рекорд што ќе остане вечен

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi AI-ME Las Vegas CES2020

Audi AI:ME сака да биде „трето живеалиште“ на модерниот човек

Mercedes Vision AVTR

Mercedes AVTR е колата што светот досега ја немаше ниту замислено