134
19 shares, 134 points

Четврта година по ред моторот во хибридната погонска спрега на BMW i8 е прогласен за најдобар во светот, во категоријата со зафатнина меѓу 1,4 и 1,8 литар. Податокот дека 231 КС се извлекуваат од три цилиндри и 1,5 литар покажува дека станува збор за несекојдневен мотор

Моторот којшто го сочинува „бензинскиот“ дел од погонската спрега на BMW i8 повторно победува во својата категорија во изборот на најдобри мотори во светот. Откако првпат проработе во спортското купе во 2014, трицилиндарецот секоја година победува во категоријата со зафатнина меѓу 1,4 и 1,8 литар. Уште тогаш, жирито го процени 1,5-литарскиот турбо како најдобар новитет на годината и генерален победник.

Трицилиндарецот во BMW i8 ги испорачува своите 231 КС и 320 њутнметри до задната оска. На тоа се придружува електромотор, чијашто моќност порасна на 143 КС по неодамнешниот фејслифт и придружувањето од родстер изведбата. Плагин-хибридната погонска спрега ја комплетира литиум-јон батерија со капацитет од 11,6 киловатчасови. Електромоторот е задолжен за погон на предните тркала.

По желба и при полна батерија (помалку од три часа на куќен штекер), спортското купе или родстер може да вози до 55 километри само на батерија. Реалниот досег е околу половина од оваа вредност.

Со необичната комбинација од плагин-хибрид и расен спортски концепт, BMW уште пред четири години, повеќе имаше за цел да им понуди забава на купувачите, отколку концепт за штедење. Спринтот до темпо сто трае 4,4 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 km/h, односно на 120 km/h при возење на батерија. За потрошувачката, фабриката наведува 1,8 литар на сто километри (55 km на струја, остатокот со хибриден погон).

BMW i8 е најпродаван спортски хибрид на пазарот уште од премиерата. Мал „технички“ детал обично следува на крај: Германската цена за BMW i8 Coupe без ДДВ изнесува околу 116.000 евра, за BMW i8 Roadster околу 130.000 евра. Крилести врати се вклучени во цената, карбонски покрив и диодни светла исто така.


,

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

134
19 shares, 134 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *