Германските медиуми известуваат дека интерно е веќе решено околу наследникот на шефот на BMW во заминување, Харалд Кригер.
Шефот на BMW, Харалд Кригер, соошшти дека повеќе не е во служба на баварскиот производител на автомобили. Подолго време кружеа гласини дека нема иднина за Кригер во врвното раководство на BMW.
Познатиот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, исто како и новинската агенција Блумберг, објавија вести дека веќе e донесено решение околу изборот на наследникот, повикувајќи се на внатрешни извори. Според нивните пишувања, шефот на производството Оливер Ципсе ќе се најде на врвот на менаџментот во Минхен.
Ципсе е на возраст од 55 години и се очекува средината на јули тој да биде избран за нов шеф, на собранието на надзорниот одбор коешто ќе се одржува во Спартанбург, во американската сојузна држава Јужна Каролина.
Од BMW уште не ги коментираат информациите. Друг можен кандидат е шефот за развој Клаус Фрелих, но тој е на возраст од 59 години и наскоро ќе ја надмине старосната граница од 60 години, којашто важи во BMW при избор во врвниот менаџмент.