BMW во соработка со индискиот партнер разви едноставен мотоцикл со едноцилиндарски мотор. G 310 R значително ќе го прошири кругот на купувачи што можат да си дозволат мотоцикл од BMW.
Не станува збор за шега, иако BMW избра да го претстави овој мотоцикл со еден цилиндар со зафатнина под 500 сантиметри кубни токму на 11.11, на датумот на кој сите му даваат различно значење, а неретко и се шегуваат. Мотоциклот со моделска ознака G 310 R е производ на четиригодишен развој на евтин модел што ќе биде достапен за секој регион во светот. Едноцилиндарскиот модел е „гол“ мотоцикл, конципиран и развиван во Минхен под кодната ознака „roadster“, но неговото производство ќе се одвива во индискиот Бангалор кај партнерот TVS Motor Company.
Евтини мотоцикл од престижна марка за цел свет
G 310 R е модерен мотоцикл за разонода во слободно време, иако во некои земји во југоисточна Азија или во Јужна Америка ќе мора да издржува и тешки транспортни задачи. Едноцилиндарецот работи со четири вентили и две брегасти вратила во глава, при што самата глава е завртена наназад, а вшмукувачкиот тракт е поставен напред.
Работната зафатнина изнесува 313 сантиметри кубни, впрскувањето на гориво е по електронски пат. Моторот ги исполнува сите барања на нормата EU 4 за издувни гасови и бучава. Максималната моќност изнесува 34 КС при 9.500 вртежи, а вртежниот момент достигнува 28 Nm при 7.500 вртежи. Како крајна брзина се наведуваат 145 km/h. За моторите на BMW е својствено да располагаат со висока еластичност и добро повлекување, така што може да се очекува дека и малечкиот едноцилиндарец ќе поседува таков карактер.
Тоа што зад мотоциклот стои името на BMW е гаранција за техниката и возните својства
Заради цената се користи челична, место алуминиумска рамка. Напред работи вилушка со дијаметар од 41 милиметар, а назад е монтирана алуминиумски осцилирачки лост, на која што директно е прицврстен амортизерот, со можност за дотерување на предзатегнатоста. Не се штедело во сопирачките. Напред работи единечен диск од 30 сантиметри, со радијална четириклипна клешта, а задниот диск има пречник од 24 сантиметри. Стандардно се вградува ABS од Continental.
Малечок визир го штити возачот од ветрот во возење и го насочува над шлемот. Освен стандардната изведба со висина на седење од 78,5 сантиметри, се нуди и верзија со седиште на 76 сантиметри и верзија за повисоки возачи, со висина на седиште на 81,5 сантиметри. Кокпитот го сочинува новодизајнирана комбинација од инструменти, со голем дисплеј од течни кристали и разновидни функции на патниот компјутер.
Две комбинации од бои стојат на располагање: Црно/бела и сино/сива металик. Со доплата се добива верзија во бисерно бела боја, со акценти во борбените бои на BMW од тркачките патеки. Кај оваа верзија, вилушките и сопирачките клешти се елоксирани во златна боја. Продажбата на германскиот пазар ќе стартува во втората половина од 2016 година. Цената на мотоциклот тежок 160 килограми уште не е објавена, но може да се очекува дека ќе изнесува околу 5.000 евра.