за

Револуциите почнуваат луксузно: Хибриден BMW 745е со 58 km на струја

BMW 745e

Забелешките за гигантските бубрези стивнаа, сега се зборува за сериозни работи. Новата хибридна изведба на серијата 7 на BMW вози со шестцилиндарски бензинец, располага со системски 394 КС и на струја може да извози до 58 километри

Предрасудите паѓаат како кегли на кугларска патека. Со претставувањето на новата хибридна изведба од серијата 7 на BMW, со едно фрлање се уриваат предрасудите дека купувачите што можат да си дозволат автомобил од високата класа немаат потреба од погон што штеди, а паѓаат и предрасудите дека дизелот и натаму е најдобриот избор на погон, особено кај големите и тешки автомобили.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кога освеженото моделско годиште на лимузинскиот знаменосец на Минхен ќе стартува со напролет, тоа со гигантските бубрези, тогаш ќе стартуваат и нарачките за новиот плагин-хибрид. Поточно, три плагин-хибриди: BMW 745e, продолжена изведба BMW 745Le и BMW 745Le xDrive, продолжена и со погон на сите тркала.

Линиски шестцилиндарец на BMW во хибридна комбинација менува многу

Линискиот шестцилинадрец, како традиционална специјалност на Баварците, во серијата 7 работи во посебно дотерана изведба за хибриден погон, со моќност од 286 КС. На тоа се надоврзува електромотор со 113 КС и 265 њутнметри, како и литиум-јон батерија со нова технологија на изработка на ќелиите, со зголемен капацитет.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Електромоторот е интегриран во 8-степениот автоматски менувач и функционира како генератор при секое забавување, користејќи ја инерцијата за екстра полнење на батеријата. Батеријата воедно ја снабдува и струјната мрежа во возилото, што значи дека може да испорачува струја и за стационарната климатизација, којашто е стандард кај 745e. Таа е сместена под задната клупа, додека резервоарот од 46 литри се наоѓа над задната оска. Багажникот е смален на 420 литри, мала утеха е тоа што клупата воопшто се соборува.

Во спортскиот модус стојат на располагање системски 394 КС и 600 њутнметри вртежен момент

При избор на спортскиот модус, погонската спрега постигнува системска моќност од 394 КС и вртежен момент од 600 њутнметри. Спринтот до сто трае 5,2 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Батеријата сега располага со 12,0 kWh. Во хибриден модус, батеријата може да ја испорача сета енергија потребна за темпо до 110 km/h, што е за 20 km/h повеќе од претходно. Бензинецот се вклучува автоматски при надминување на таа брзина, или при посилно притискање врз педалот. Крајната брзина во електричниот модус изнесува 140 km/h. Според новата и пореална норма WLTP, досегот при возење само на струја изнесува меѓу 54 и 58 километри. Тоа е многу повеќе од просечната дневна километража на европските возачи. Комбинираната потрошувачка изнесува меѓу 2,3 и 2,1 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најчистата верзија на серијата 7 ќе почне се испорака на лето, заедно со нови кориснички услуги. Кога возачот ќе побара навигацијата да го најде најблискиот полнач за струја, тој ќе добива и информации за најблиските хотели, ресторани, кафулиња, знаменитости или тековни културни настани. Претплатниците на ChargeNow имаат дополнителна можност да резервираат слободен полнач директно од возилото.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Цената на BMW 745e во Германија изнесува 101.000 евра, продолжената изведба 745Le чини 106.400 евра, додека за верзијата со погон на сите тркала се потребни најмалку 109.800 евра.

Луксуз е да возиш хибриден BMW што заштедува 1000 евра годишно

BMW вложува 200 милиони евра во производството на електричниот i4

Хибриден BMW 330e како посебна гордост на баварците

Новиот BMW X5 стартува со продажба во Македонија

BMW продаде над 300.000 хибриди и електромобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes продажба швајцарија

VW прв, Mercedes втора најпродавана марка во Швајцарија во јануари

tesla model 3 avtopilot sneg

Како вози автопилотот на Tesla при снег на патот