164
84 shares, 164 points

Во времето кога не постоеја строги еколошки норми, престижните лимузини речиси задолжително трошеа повеќе од сите останати. Така порано се манифестираше луксузот. Но, денес се други времињата. Престиж е да се вози штедливо и чисто, на пример BMW 330e. Нашето супер-сценарио точно покажува зошто е поштедливо и поевтино да се вози хибриден BMW

„Времињата се менуваат“ можеби звучи како изветвена фраза, но факт е дека времињата и натаму се менуваат. Сé се случува радикално и рапидно, од корен и брзо. Автомобилите на премиум марките, на пример, во времето кога светот уште ги водеше под нивните имиња, како BMW, Mercedes или Alfa, место под заедничкиот поим „премиум“, смееја да трошат, брмчат, чадат, чкрипат. Сé им беше дозволено, тие беа гордоста на индустријата. На сопствениците, исто така.

Потрошувачка пониска од 15 литри беше тотално неприфатлива за некој автомобил да стекне престижен статус. Кога лимузина со баварски шестцилиндарец во линија и со едно толку невпечатливо, а толку значајно „i“ во ознаката ќе минеше по улица, нејзиниот мирис на бензин мораше да остане уште најмалку десетина минути во воздухот, како сведоштво дека улицата е тазе осветена.

BMW 330e presmetka 3

Разговорите во друштво се сведуваа на натпреварување, кој ќе каже дека поминал помалку километри со полн резевоар или кој пресметал дека со потрошеното гориво ќе можел да купи барем гарсониера покрај езерска ривиера. Сопирачките плочки и скапите гуми во разговорите се менуваа најмалку еднаш дневно, божем толку беа моќни автомобилите и толку брзо се возеше. Луѓето отстрана ќе поверуваа дека и Формула 1 е побавна и поштедлива.

Времињата беа забавни, а по секоја забава следи трезнење, најчесто проследенo со главоболка. Автомобилите стануваа сé побројни, патиштата сé потесни, последиците од омилените политички игри со цената на нафтата сé поразорни. Добивме екологија, економија и економичност, животна средина, одржливост, СО2 таргети, нулта емисија и нулта жртви на патиштата.

Премиум марките се тие што ја водат автомобилската бранша напред: Тоа што денес го нудат BMW & Co, за неколку години ќе стане „индустриски стандард“

Времињата се сменија, а со нив и автомобилите. Денес токму моделите на премиум марките се тие што предничат во штедењето гориво и имаат почиста емисија отколку воздухот околу. BMW дури беше првиот од германското премиум трио што го постави поимот за ефикасност на исто рамниште со традиционалните доблести на марката.

Efficient Dynamics уште пред десетина години почна да се спомнува во реториката на Минхен исто толку често колку M GmbH и „Freude am Fahren“. Почна да се зборува за старт-стоп систем, повраток на енергијата при сопирање, подвижни ламели зад бубрезите, BMW i, iPerformance, eDrive … Пред темава да почне да личи на маркетиншка објава (што во последниве години прерасна во стандард во македонскиот печат кој се прикажува како автомобилски и доведе до десеткување на публиката, на одвај две три стотини читатели): Баварците моментно имаат три „тристотини триесетки“ од својата серија три. Тројката е среќна бројка, сите убави работи се по три. Но, тука мора да е друга пораката.

BMW 330e presmetka 16

Тројката се состои од BMW 330i, BMW 330d и BMW 330e. Сите три моделски варијанти – бензинската, дизелската, хибридната – располагаат со споредлива моќност, споредливи перформанси, но различни вредности на потрошувачката на гориво. Прашањата се: Може ли хибридниот 330e да ужива двојно помоќен премиум статус отколку варијантите со класичен погон? Можно ли е моделите на BMW, со невпечатливата, а толку значајна буква „е“, денес да уживаат посебно место на автомобилската сцена како што тоа им успеваше на првите генерации модели со „i“ во ознаката?

BMW 330e presmetka 14

Премиумот кај автомобилските марки има различно толкување. Ако се побара објаснување во Инголштат, таму веројатно ќе се добие одговор дека премиумот е во примената на поскапи материјали и во ангажирањето мајстори што ќе постават тенка рамка околу прекинувачите и командите испорачани од Волфсбург. Во Штутгарт ќе бидат уверливи дека премиум е кога автомобилот поседува сé што денес може да понуди индустријата. Во Минхен ќе кажат дека премиум е кога автомобилот поседува нешто што го нема во ниту еден друг автомобил.

Плагин-хибридот во BMW 330e е технолошки трансфер од електричниот BMW i3

Тоа „нешто“ во случајот на BMW 330e се однесува на компонентите коишто се преземени од погонската спрега на електричниот BMW i3. Моделот всушност постои во понудата на серијата 3 уште од септември 2015 година, но радикалните промени на сцената во последнава година доведоа до тоа моделот одненадеж да добие уште поголемо значење.

Добрата работа кај хибридниот погон на BMW е во тоа што Баварците не го запуштија класичниот „работник“ во погонската спрега, бензинецот. Дволитарецот со TwinScroll-турбо, директно впрскување под висок притисок, двоен Vanos, Valvetronic … е повеќекратен носител на титулата на светски мотор на годината во својата класа.

BMW 330e presmetka 27

Неговиот удел во системската моќност од 252 КС и системиот вртежен момент од 420 Nm изнесува 184 КС и 290 њутнметри, додека електромоторот се приклучува во игра со 88 КС и 250 њутнметри. Регулациската електроника пристига директно од BMW i3 и i8. Погонската спрега ја комплетира литиум-јон батерија од 5,7 kWh, исто така составена од модули од BMW i, вградена ниско под багажникот.

Инженерите избраа електромоторот да работи постојано, место да се вклучува само при забрзување или посилен старт. Тој постојано испорачува 100 Nm, односно се префрлува на максималните 250 Nm при посилно притискање на гасот. Тоа создава впечаток како да се вози автомобил со многу поголем и посилен мотор.

Преносните односи на автоматикот „важат“ и за електромоторот – тоа ја продолжува неговата трајност

Моќта се пренесува до задната оска преку 8-степен Steptronic. Предноста од тоа што преносните односи на менувачот важат и за бензинецот и за електромоторот е во смалувањето на механичкото и термичкото оптоварување на електромоторот, а тоа го продолжува неговиот век на експлоатација. Нема потреба од користење на претворач на вртежен момент, со што делумно се надоместува за дополнителните килограми од електромоторот. Секако, и интелигенцијата на менувачот Steptronic има удел во целата спрега.

Возачот има избор меѓу три програми: Auto eDrive, Max eDrive и Save Battery. Тие се бираат преку копчето eDrive во средишната конзола. Auto eDrive нуди оптимална заедничка работа на моторот и електромоторот, при што може да се вози и само на струја, до 80 km/h. Оваа програма е вклучена при секое следно стартување.

BMW 330e presmetka 19

Max вози само на струја, на растојание до 40 km, со максимални 120 km/h. Бензинецот се вклучува автоматски кога педалот за гас ќе се притисне до крај. Save има две положби. Ако наполнетоста е под 50%, моторот ја полни батеријата до 50%. Ако е над тоа, се „замрзнува“ наполнетоста во дадениот момент и се сочувува, за подоцна да се вози само на струја, на пример во град или во заштитено еко-подрачје.

Исто како останатите 330-ки, „е“ има прекинувач со возни програми Comfort, Sport, Eco Pro. Посебноста кај 330е се состои во тоа што освен врз работата на управувањето, подвозјето и менувачот, се влијае и врз стратегијата на хибридот. Тоа значи дека се води сметка и за електромоторот и батеријата, за возењето да се направи покомфорно, поспортско или поштедливо. Во Sport, двата мотора се активни постојано, додека во Еко се дава повеќе предност на електриката. Во Eco Pro се менува и работата на климата, на грејачите во седиштата и во ретровизорите, со цел да се постигне максимален досег.

Навигацијата ја следи и конфигурацијата на теренот и знае кога следи надолнина

Екстра функција следува при доплата за навигација. Информациите за конфигурацијата на теренот и за сообраќајот се користат за контролната електроника да предвиди најефикасен возен режим за претстојниот пат, на пример непосредно пред превој. Навигацијата дава информации и за најблиските јавно достапни полначи, а преку неа може да се програмира и климатизирање на кабината, за таа да биде изладена или загреана пред седнувањето во возилото. Оваа функција се вклучува и преку копче во клучот од возилото, преку апликацијата BMW ConnectedDrive или преку тајмерот на iDrive.

Полнењето може да се изведе на обичен приклучок за струја или на опционален полнач BMW i Wallbox со моќност од 4,6 kW. Приклучокот се наоѓа на предното крило од страната на возачот и поседува светлечки прстен којшто преку различни бои ја прикажува наполнетоста. Ако трепка сино, 330е полни, а свети зелено кога ќе заврши полнењето. Трајно сино светење укажува на пауза. Ако трепка жолто, се врши системска проверка. Црвено трепкање покажува дека системот за полнење не е активен.

Батерија под багажникот, резервоар под клупата заради постигнување на идеалниот сооднос 50:50

Батеријата одзема 110 литри од зафатнината на багажникот, но функционалноста останува, па дури и можноста за доплата за триделна клупа. Челичниот резервоар со волумен од 41 литар е преместен под задната клупа. Тој издржува повисок притисок, затоа што филтерот со активен јаглен, кој ги апсорбира бензинските испарувања, се чисти само кога работи моторот, што теоретски се случува поретко кај BMW 330е. Поради тоа, резервоарот издржува до 340 mbar.

bmw 330e sporedba

BMW 330e секогаш поаѓа на струја. Во возење, секогаш му се дава предност на електромоторот, доколку се вози со умерена и рамномерна брзина. Спринтот до темпо сто трае 6,1 секунди, крајната брзина вообичаено е ограничена на 225 km/h. Потрошувачката според фабрика изнесува 1,9 литар на сто километри. Нормата за одредување на оваа вредност предвидува возилото да го извози максималниот досег со енергијата во батеријата, а остатокот до сто километри заедно со моторот. Според тоа, податок што не кажува многу.

Тука ќе го бараме одговорот на прашањето: Дали вистинскиот луксуз денес е во штедењето?

Нашето супер-сценарио, коешто ја прикажува можната заштеда со хибридниот BMW 330e, предвидува возачот секој ден да извози на батерија по 40 километри, односно исто колку што изнесува максималниот досег. Возачот што го замислуваме (заносна возачка, поточно) никогаш не го активира бензинецот при секојдневното возење до работа и низ град, а батериите издржуваат точно колку што тврди производителот – затоа велиме, супер-сценарио.

Полнењето на батеријата се случува во куќната гаража, на обичен шуко-приклучок за струја, со користење на сопствениот полнач за струја во „330e“. Полнењето на батеријата од 5,7 kWh ќе трае околу 2:30 часови. На тоа додаваме уште половина час, затоа што полнењето на последните 25% се забавува. Значи, три часови.

Тоа значи дека батеријата дефинитивно ќе се наполни преку ноќ. Потрошувачката на енергија изнесува 11,0 kWh на сто километри, од кадешто произлегува и податокот за досегот од 40 километри.
За батеријата да се наполни за овие 40 километри, потрошената струја чини 15,85 денари (евтина тарифа, 2,78 денари по киловатчас). За споредба, трошоците за сите три погонски решенија:

Износ на струја за полнење, за BMW 330e: 5,7 kWh * 2,78 денари = 15,85 денари, за секојдневна тура од 40 километри

Износ за дизел, за BMW 330d: 5,3 l/100 km * 64,00 литар дизел * 40 km = 135,68 денари, за секојдневна тура од 40 километри

Износ на бензин, за BMW 330i: 6,1/100 km * 74,00 литар бензин 100 октани * 40 km = 180,56 денари, за секојдневна тура од 40 километри

Според супер-сценариото, за 365 возења годишно, сите од по точно 40 километри дневно, возењето хибриден BMW 330e во режим на струја ќе носи заштеда од 119,83 денари дневно во споредба со дизелскиот BMW 330d, односно 164,71 денари дневно во споредба со бензинскиот BMW 330i. На годишно ниво, тоа се 43.737,95 денари заштеда во споредба со дизел и 65.904,40 денари во споредба со бензин. Пресметано во евра, заштедата изнесува повеќе од 700, односно 1.000 евра годишно.

За период од пет години, хибридниот BMW 330e би заштедил 3.500, односно 5.000 евра, соодветно во споредба со дизел и бензин. Уште еден, и веројатно уште поважен аргумент. Цената при продажба на возилото по пет години. Плагин-хибриден BMW ќе задржи повеќе од вредноста при продажба за пет години, отколку дизел или бензинец.

Го имаме одговорот: Амблемите iPerformance и eDrive дефинитивно се симболи на автомобилскиот луксуз на денешницата.

Кога би станувало збор за топ-шоп понуда, тука некаде би следело „и тоа не е сé!“ Автомобилите со хибриден погон веќе подолго од една деценија се ослободени од плаќање акциза (конкретно до 18% или 5.400 евра при вредност на автомобил над 30.000 евра), што значи дека хибридниот BMW 330e комотно би чинел и неколку илјади евра помалку отколку 330i или 330d. Колку точно, тоа ќе го кажат единствено во М Кар.

BMW 330e IPerformance

Flickr Album Gallery Powered By: WP Frank

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

164
84 shares, 164 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743