за

BMW ја дотера серијата 5 за новата моделска година

До крајот на моделскиот век остануваат уште 3 години, конкуренцијата не мирува. BMW го подосвежи изгледот на серијата 5 и ја дополни понудата на мотори и опрема. Серијата 5 е подготвена.

Промените во изгледот се незначителни и постоечките сопственици на моделот ќе бидат среќни со тоа. Впечатлив е продолжениот раб над предните светла, кои сега се ксенонски како стандард. Со доплата се добиваат и светла со светлечки диоди. Полесно се воочуваат измените во долниот дел од браникот. Страничните отвори за воздух се поголеми, средниот е помал, а сите имаат украсни лајсни со хромиран финиш. Промените назад се уште помали. Формата на задните светла остана, но поделбата на елементите е различна. Лимузината и комбито сега имаат само една хромирана лајсна на работ на задниот капак. Страничните трепкачи се вградени во ретровизорите.

Новитет во серијата 5 се варијантите на опрема Luxury Line и Modern Line, со ексклузивен дизајн и опрема. Покрај тоа, за секоја од овие варијанти се нуди различен спортски пакет М. Фејслифтот донесе и можност задниот капак да се отвора со замавнување со стопалото.

Големиот дисплеј на таблата е обрабен со хромирана рамка, држачите за чаша и преградите во средишната конзола се зголемени, додадени се нови бои за текстилот и за украсните панели. Новитет претставува и полето на контролерот за i-Drive кое што е чувствително на допир и служи за внесување на букви.

Сите мотори под хаубата ја задоволуваат нормата Euro 6

Сите погонски единици во серијата 5 ја исполнуваат издувната норма која што ќе стапи на сила во септември 2014. Дизелските модели се опремени во серија со технологија BluePerformance, односно со впрсквуање на уреа, заради намалување на азотните оксиди. Нов основен дизел е 518d, со дволитарски дизел со 143 КС, 360 њутнметри и просечна потрошувачка од 4,5 литри. Спринтот до сто трае 9,6 секунди, крајната брзина е 214 километри на час. Темелно е преработен битурбо бензинецот V8 од 4,4 литри, кој сега ослободува 450 КС и 650 њутнметри. Во понудата повеќе не е моделот 530i со атмосферски бензинец.

Напредуваше и Connected Drive. Системот може да трансформира говор во текст, а бројни функции сега може да се повикаат директно преку смартфон. Списокот на системи за асистенција е дополнет со автоматика за долго светло, систем за ноќно гледање со препознавање луѓе и животни, асистент за застој, како и целосно автоматизирана асистенција за паркирање.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota ќе го извезува Yaris во Северна Америка

Mitsubishi ќе поставува електро-рекорди на Пајкс Пик