за

BMW против Mercedes: Сега и Баварците имаат класа В

За работите да се променат некогаш е потребно да се кршат принципите. Овој BMW има преден погон, висока каросерија на ван и ја напаѓа класата В на Mercedes.

Кај BMW отсекогаш се знаело дека моторот треба да биде напред, а погонот назад. Семејни возила со голема практичност нема продаваат другите марки. На тој начин Баварците со децении го градеа имиџот на спортска марка. Но, заради дополнителна заработка и поради промените во општеството, тие сепак мораа да ги напуштат своите принципи. Постојано расте бројот на семејства и на постари клиенти што сакаат да седат на повисоко и имаат потреба од многу простор на помала површина. Оваа група на купувачи ќе се радува на моделот што ќе биде прикажан на салонот во Женева во почетокот на следниот месец и што во основата е Б-класа на баварски начин. Новиот Active Tourer ќе стартува од околу 30.000 евра и заради намалување на трошоците за развој ја дели платформата со новиот Mini. Токму поради последнава причина, првиот ван на BMW ќе има и погон напред.

Само ван со преден погон може да биде добар ван

Преоѓањето на преден погон не е нешто за изненадување. Уште во минатата година BMW најави дека наскоро ќе претстави нов модел со преден погон, преку концептниот автомобил со исто име како серискиот модел – Active Tourer. Од друга страна, сосема е разбирливо тоа што Баварците го применија концептот на преден погон кај ванот. Големиот кардански тунел, комплицираната задна оска и надолжно вградените мотори ќе одземеа премногу простор и ќе направеа ванот да биде или прескап или премасивен и недоволно практичен во споредба со моделите на конкуренцијата.

Со 4,34 метри, Active Tourer е долг исто колку комбилимузината од серијата 1. Но, со меѓуоскиното растојание од 2,67 метри, со кусиот нос и рамо отсечениот заден дел, во кабината има простор колку во големиот теренец X5. Додека во серијата 1 е потребно малку гимнастика за седнување на задната клупа, во Active Tourer ќе се влегува многу полесно, а ќе има и многу повеќе простор за седење. По желба, ќе има и уште повеќе простор, затоа што задната клупа лизга 13 сантиметри по должина.

Клоца за отворање на багажникот

Покрај простор за патници, има и многу простор за товар. Багажникот се отвора со замавнување со стопалото под браникот, а откако електромоторите ќе го подигнат капакот се ослободува глетка на багажник со рамно дно и низок товарен под, со зафатнина од 468 литри. Оздола има сутерен со повеќе прегради, а озгора две рачки за соборување на триделната задна клупа. Во тој случај, Active Tourer нуди простор од 1.510 литри за товар. За прв пат во BMW се нуди и можност за соборување на совозачкото седишта, за предмети подолги од два метра.

Традиционалистите ќе мораат да се навикнат на тоа што BMW отсега има модел со преден погон, попречно вграден мотор и висока каросерија на ван. Но, марката повеќе цели на освојување на нови клиенти што досега ги избегнувале нивните модели и наоѓале практични семејни возила кај конкуренцијата. Овие купувачи сега ќе ја добијат бараната практичност, но во пакет со врвната возливост и воопшто врвна експертиза на BMW, како доблести што стојат зад името на марката.

Традиционално силна стана на BMW се моторите. Во Active Tourer ќе работат комплетно нови мотори, овојпат вградени попречно и до појавувањето на најавените модели xDrive ќе ги движат само предните тркала. За новиот ван да се докаже како вистински BMW, во почетокот од продажбата како топ модел ќе се нуди 225i со 231 КС. Со овој мотор, ванот троши просечно шест литри на сто километри и постигнува крајна брзина од 225 km/h. Тоа е повеќе од доволно за држење на левата лента на германските автопатишта и за престигнување на секој возач на класата B на Mercedes.

Каде преден погон, па уште и трицилиндарски мотори?

Единствен дизел засега е Active Tourer 218d со дволитарски дизел, поддотеран на 150 КС, со крајна брзина од 205 km/h и просечно 4,1 литри на сто километри. Третото кршење на принципите во Active Tourer, покрај предниот погон и каросеријата на ван, се трицилиндарските мотори во моделот 218i. Моќноста од 136 КС и крајната брзина од 200 km/h се сосема во ред, исто како и просекот од 4,9 литри бензин. Но, тоа што овој 1,5-литарски мотор има само три цилиндри, е горчлив залак и за најверните љубители на BMW.

Колкави се шансите за успех на пазарот? Active Tourer сепак не е единствениот модел што ги крши табуата на баварката марка, иако овојпат се работи за најчувствителните вредности. Претходно традиционалистите се побунуваа кога BMW ги понуди комби верзиите Touring, а не беше ниту малку потивко кога стартуваа теренците. Денес сепак никој не се прашува дали овие модели се вклопуваат во имиџот на BMW.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десетгодишен возач во Норвешка: „Не сум дете, јас сум џуџе“

Golf на батерии чини 35.000 евра