за

BMW продаде половина милион возила за три месеци

Зголемувањето на добивката на BMWза преку 10 проценти во првиот квартал од 2014 не можеа да го предвидат ниту најоптимистичките пазарни аналитичари. Тоа само ја зацврсти водечката позиција на Баварците.

Растот во продажбата од 9 проценти и зголемените цени му донесоа одличен старт на годината на BMW. И покрај големите вложувања во идните модели и во нова технологија, добивката на марката од Минхен се зголеми за 11 проценти во првиот квартал од годинава, на 1,46 милијарда евра. Најголема заслуга за зголемената добивка има кинескиот пазар.

Менаџерите на баварската марка очекуваат уште подобри резултати во втората половина од годината, со претстојните 16 нови и преработени модели. Во јуни почнува продажбата на купе лимузината GranCoupeод серијата 4 и на хибридниот спортист i8, а еден месец подоцна следува и купе теренецот X4.Кон крајот на годината во салоните ќе се појави и семејниот ван ActiveTourerод серијата 2. Моментната стратегија е воведување на поскапи модели – X4 е купе теренец врз база на X3, со повисока спецификација, а истиот принцип го следат и сериите 4 и 2 – со цел да се постигне натамошно зголемување на добивката и зацврстување на водечката позиција на BMW во сегментот на премиум марки.

Во првите три месеци групацијата BMW продаде 487.000 возила, повеќе од кога било досега. Движечки мотор на порастот во продажбата е BMW, додека марката Miniмирува поради воведувањето на новите генерации на модели. Доколку се задржи актуелната динамика со пораст од девет проценти, групацијата ќе продаде преку 2,1 милиони возила до крајот на годината.

Конкурентите Audiи Mercedes се борат да ја преземат водечката позиција на Баварците во премиум сегментот најдоцна до 2020 година. Решавачки фронтови во оваа борба се кинескиот и американскиот пазар. BMW направи клучен чекор за зацврстување на позицијата, со планираната инвестиција во фабриката во Јужна Каролина, која што ќе стане најголема фабрика во групацијата, со годишен капацитет за 450.000 возила. Покрај актуелните серии на теренци, во оваа фабрика ќе се произведува и големиот теренец X7, наменет за богатата клиентела во САД и Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјална серија на Renault Captur во соработка со Helly Hansen

Volkswagen развива нов менувач DSG со 10 степени