за

BMW подготвува кросовер помал од X1

Баварците најавија малечок кросовер за 2017 година, којшто ќе се позиционира под компактниот X1 и на производителот ќе му носи голем профит од овој сегмент во когошто постои растечки интерес на пазарот.

BMW развива малечок кросовер што ќе се базира врз платформата од ванот Active Tourer и според првичните гласини во понудата на марката ќе се води како Urban Cross, со цена од околу 25.000 евра. Концернот од Минхен веќе располага со таков модел од марката Mini, но моделот со знакот на BMW ќе биде ориентиран првенствено да му конкурира на идниот Audi Q1, којшто ќе стартува во 2016 година, односно една година пред Urban Cross.

Изгледот ќе биде поважен од практичноста. Со купе покривот, „Urban Cross“ ќе биде мини-верзија на X4 и X6
Изгледот ќе биде поважен од практичноста. Со купе покривот, „Urban Cross“ ќе биде мини-верзија на X4 и X6

Изгледот на новиот градски кросовер нема да ја следи вообичаената дизајнерска шема на моделите од семејството X, туку јасно ќе се издвојува од нивниот стил. Дизајнот на возилото ќе има приоритет над рационалното искористување на просторот во кабината и добрата прегледност. Задниот дел од покривот ќе се спушта како кај купе, а како резулат од тоа ќе се намали и зафатнината на багажникот, па со 330 литри, идниот Urban Cross ќе располага со багажник со иста големина како Mini Paceman.

Преден погон и мотори со три цилиндри за мини-кросоверот

Кросоверот со должина од околу четири метри во почетокот ќе се нуди само во верзија со преден погон, но не е исклучено подоцна да се воведе и верзија со погон на сите тркала, исто како кај ванот Gran Tourer и кросовер-моделите на Mini, од коишто е потекнува платформата. Под хаубата ќе работат актуелните мотори со три и четири цилиндри, со зафатнина од 1,5 и два литра. Според сегашните планови, верзија со погон на струја нема да се нуди, но затоа не е исклучен модел со хибриден погон со надворешно полнење.

Изненадува одлуката на BMW да излезе на пазарот со малечок кросовер, со когошто минхенската марка настапува директно против моделите од сопствената марка Mini, но очигледно е дека Баварците не сакаат ништо да му препуштат на случајот и не му препуштаат „слободен терен“ на Audi и на неговиот иден Q1. Уште не е потврдено дали малечкиот кросовер ќе се води како Urban Cross од серијата 2 или ќе носи друго име, но сосема е извесно дека нема да се вика X0.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat го преселува производството во Турција

Тест на 35 модели на летни гуми од клубот АДАК (Прв дел: Димензија 185/60R14)