за ,

BMW најавува мотори со впрскување вода

Современите мотори имаат големи проблеми со превисоките температури. Техничарите досега се снаоѓаа со привремено збогатување на смешата. BMW планира да впрскува вода.

Колку потопло, толку подобро. Високата температура во цилиндрите е таа што се грижи содржаната енергија во погонското гориво да се искористи на најдобар можен начин. Современите бензински мотори, коишто работат со директно впрскување на горивото и со турбонатполнење, сé почесто го достигнаат температурниот максимум. Издувните гасови не смеат да пречекорат 1.050 степени Целсиузови при долги и брзи етапи по автопат, во спротивно ќе дојде до оштетување на компонентите на моторот.

BMW M4 Coupe: Системот веќе работи во безбедносниот автомобил во Moto GP
BMW M4 Coupe: Системот веќе работи во безбедносниот автомобил во Moto GP

Техничарите веќе подолго време користат таканаречено „збогатување при полно оптоварување“. Станува збор за впрскување дополнителна количина гориво при високи вртежи и високо оптоварување на моторот, коешто има за цел да ги спушти температурите во моторот. Согорувањето на ова гориво не влијае врз перформансите. Современите мотори со турбонатполнење им предизвикуваат уште една главоболка на инженерите. Во тесниот простор под хаубата мора да се најде доволно простор и соодветно место за интеркулерот, којшто температурата на воздухот што се загрева при компримирањето во турбополначот ја намалува на прифатливо ниво. Во спротивно, воздухот кој се шири при загревање, ќе внесе премалку кислород во цилиндрите и како последица од тоа ќе се случи значително намалување на моќноста.

Следува и зголемување на моќноста на моторот за осум проценти

BMW има начин како со еден удар да утепа две муви – со помош на впрскувањето вода. Баварците го прикажаа системот премиерно на салонот во Женева. Притоа, водата не се внесува директно во цилиндрите, туку под релативно низок притисок од десет бари се впрскува во вшмукувачката цевка, пред вшмукувачките вентили. Водата тука испарува за миг и на тој начин ја намалува температурата на вшмуканиот воздух. Впрскувањето вода се активира само над 5.000 вртежи во минута, дејствувајќи како втор интеркулер, којшто се вклучува посебно и без зголемување на потрошувачката на гориво ја зголемува максималната моќност за најмногу осум проценти. Втора можност е пониската температура да се искористи за намалување на „збогатувањето“, па дури и за негово целосно избегнување, при задржување на моќноста на моторот.

Прашањето е: Што кога водата ќе замрзне при ниски температури? Антифриз не смее да се користи, затоа што хемикалиите во него ќе предизвикаат неконтролнирано согорување во вшмукувачкиот тракт – поради етилен гликолот, којшто е основна состојка на средството за заштита од замрзнување. Според техничарите во BMW, не постои таква опасност, затоа што при надворешни температури под нулата, доволен е стандардниот интеркулер. Дополнителна мера е повлекувањето на водата од системот при секое гаснење на моторот, заради спречување на замрзнувањето на водата во цевките.

Кој ќе ја носи водата?

Уште едно прашање се поставува пред техничарите: Од каде ќе се добива водата? Теоретски е можно водата да се добива од самите издувни гасови, за што би бил потребен уште еден ладилник во издувниот систем. Но, тоа е веќе премногу сложено. Затоа BMW реши во возилото што го користи овој систем, во безбедносниот автомобил за мототрките којшто се базира на M4 Coupe, да вгради петлитарски резервоар за вода, сместен во коритото за резервно тркало. Секако дека е можно резервоарот да се вгради и на друго место, кога системот во иднина ќе почне да се користи и во сериските автомобили на BMW.

Saab 99 Turbo (1977): дволитарски мотор, турбо, 145 КС, 235 Nm, 9,8 s 0-100 km/h, 190 km/h
Saab 99 Turbo (1977): дволитарски мотор, турбо, 145 КС, 235 Nm, 9,8 s 0-100 km/h, 190 km/h

Резервоар се полни со дестилирана вода и мора да се дополнува на секое петто полнење на резервоарот за гориво, доколку возилото почесто се користи на автопат. Не е страшно и ако возачот заборави да дотури вода. Во тој случај, контролната електроника на моторот ќе ја намали моќноста за одреден степен. Моторот нема да изгасне или да се расипе без оваа вода.

Легендарниот Saab 99 Turbo користеше вода во 1970-те

Идејата, сепак, не е толку нова. Последното сериско возило со впрскување вода беше брзиот Saab 99 Turbo, којшто се произведуваше до 1984 година. Покрај тоа, впрсквуаето вода се користи во повеќе класи во мотоспортот, вклучувајќи ја и формула 1, исто како и во големите бродски мотори, каде што водата сепак не се користи за зголемување на моќноста, туку заради намалување на емисијата на азотни оксиди при високи температури. Во моментов BMW е единствениот производител што најавува примена на системот во сериските автомобили. Останатите производители молчат и покрај тоа што се очигледни предностите од впрскувањето вода. Системот ќе доживее премиера во некој од моделите на M GmbH, а секако дека потоа ќе следува и неговото вградување во „стандардната“ моделска понуда на BMW.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Volkswagen Passat 2.0 TDI Highline

Honda со светска премиера на концепт-мотоциклот Bulldog