за

Безбедното растојание при возење не смее да се потценува

почитување на безбедното растојание

Покрај тоа што се вози пребрзо, честопати се занемарува и безбедното растојание. Голем број незгоди би се избегнале доколку возачите внимавале да возат на доволна оддалеченост од возилото пред себе

Пребрзото возење е најчеста причина за незгода со кобни последици. Лани на македонските патишта загинале 72 лица во овој тип на незгоди. Тоа е речиси половина од вкупниот број на сообраќајни жртви. Овој удел е повисок во споредба со европскиот просек. Тоа наведува на заклучок дека на нашите патишта се потценува опасноста од пребрзото возење. Судирот честопати можело да биде спречен доколку возачот го одржувал безбедното растојание од сообраќајот пред себе.

Постојат најразлични причини зошто возачите „се лепат“

Причините за возење на премало растојание од возилото напред не може да се стават под заеднички именител. Покрај погрешна процена на возачот, честопати се работи за емотивни фактори и психички оптоварувања, коишто наведуваат да се „притисне“ возилото напред. Сообраќајните аналитичари ги наведуваат лутината, бесот, но понекогаш станува збор и за агресија или стрес.

Од вкупно 4.019 сообраќајни незгоди по македонските патишта во 2017 година, 759 се предизвикани од пребрзо возење, 574 од непочитување првенство, 462 од недржење правец на движење, 462 од неправилно свртување и 300 незгоди од возење под дејство на алкохол

Возењето на премала оддалеченост е опасно и за тој што не го почитува правилното растојание и возилото напред. Многумина возачи се чувствуваат загрозено кога има возило што е преблиску зад нив и тоа ги наведува да направат грешка во возењето. Со други зборови, тој што се лепи, сам ја провоцира незгодата.

Три секунди решаваат за животот

Луѓето денес се во постојана итаница, и приватно и професионално. Но, без разлика колку притиска времето, на патот од А до Б е неопходно да се почитува брзината и да се одржува безбедно растојание. Под безбедно растојание се мисли на патот што возилото ќе го мине за време од две до три секунди додека дојде до точката на којашто претходно се наоѓало возилото напред. Овие секунди може да решаваат за животот. Кога се одржува доволно растојание може да се вози порелаксирано и може навреме да се реагира во опасни ситуации, со запирање или избегнување на пречката.

Вака се одредува безбедното растојание

Прашањето е колкаво треба да биде растојанието од возилото напред? Како челично правило за одредување на растојанието се смета правилото на двете секунди. Тоа е растојанието што го минувате со автомобилот при моментната брзина, за време од две секунди. Возачот едноставно ја „маркира“ позицијата кога автомобилот пред него минува покрај сообраќаен знак или друг репер, и брои две секунди. Мал совет за тоа: Поправилно е да се брои „единаесет, дванаесет“, место „еден, два.“

Доколку маркираната точка се достигне пред возачот да изброи, растојанието е прекусо. При возење на отворено и при слаба видливост е подобро да се вози на уште поголемо растојание. Како дополнителна придобивка, возењето е порелаксирано, затоа што возачот има доволно време да ја процени ситуацијата напред и да не реагира премногу нагло, по што ќе мора повторно да забрзува.

Тој што вози пребрзо, нема доволно време да ја избегне опасноста

Секако дека правилото на две секунди не важи во град. Растојанието тука изнесува околу 15 метри, односно три должини на возило – доколку патот е сув и видливоста е добра. Ова растојание сепак важи за брзина од 50 километри на час. Голем број возачи не го почитуваат ниту растојанието, ниту брзината. Совет за нив: Бројот на коњски сили не решава за безбедноста, туку решава брзината на човечката реакција. Со други зборови, тој што вози пребрзо, нема доволно време да реагира на опасноста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes a-class w177

Mercedes ги објави цените за основните верзии на A-Class

harley-davidson seli proizvodstvo

Трамп бесен на Harley за одлуката да произведува надвор од САД