за

Пример од Берлин: Ограничувањето на 30 km/h ја смалува загаденоста

Пример од Берлин - Ограничувањето на 30 kmh ја смалува загаденоста
Пример од Берлин - Ограничувањето на 30 kmh ја смалува загаденоста

Една мерка покажува брза делотворност во борбата против загаденоста на воздухот во градовите. Берлин воведе неколку зони со брзина ограничена на 30 km/h. Мерењата потврдија дека мерката навистина помага. Станува збор за загаденост со азотни оксиди, кои кај нас чудно остануваат во дозволени рамки, додека концентрацијата на честичките РМ е неколкукратно над лимитот.

Ораничувањето на брзината на сообраќајот на 30 km/h на главните токови може да придонесе за намалување на загаденоста на воздухот со азотен диоксид. Тоа го покажа пробниот проект на улица во центарот на Берлин, коешто ексклузивно го објави германската новинска агенција ДПА.

Едногодишните мерења почнувајќи од април 2018, покажале дека загаденоста на делот од улицата со ограничена брзина се смалила за 2,3 микрограми азотeн доксид (NO2) на метар кубен на годишно ниво. Тоа претставува намалување за 4 проценти. Во зимскиот период, присуството на азотен диоксид во воздухот се смалило за близу 5 микрограми.

ЕУ пропишува просечната вредност на присуството на азотен диоксид во воздухот на годишно ниво да не надминува 40 микрограми на метар кубен. Загаденоста на посочената улица во Берлин (Лајпцигер Штрасе) сепак е највисока во поширокото подрачје на градот, со просечни 59 микрограми NO2 годишно.

Германските експерти го исклучуваат ефектот на метеоролошките влијанија или пренасочувањето на сообраќајот врз измереното подобрување на квалитетот на воздухот по воведувањето на зони со темпо 30

Од Градот ценат дека ограничувањето на брзината придонесува за намалување на концентрацијата на азотен диоксид, заедно со останатите мерки, меѓу кои забрана за пристап со постари дизел возила, поскапа наплата на паркинг и вградување поефикасен систем за пречистување на издувните гасови кај постарите возила. Поради тоа, лимитот на 30 km/h ќе продолжи да се применува. Германските еколози ценат дека „воведувањето на темпо 30 води кон помалку забрзувања и со тоа кон почист воздух.“

https://www.instagram.com/p/B37eO0LpRi2/

Во интерната процена е наведено дека во мерењата се земале предвид и метеоролошките влијанија, па се исклучува нивниот ефект врз измереното намалување во загаденоста со NO2. Во процената исто така не се забележува дека возачите го избегнувале делот од улицата со ограничена брзина, односно сообраќајот не се пренасочувал по соседните улици.

Берлин ги пречекорува дозволените гранични вредности на ЕУ во поглед на емисијата на NO2, исто како и дваесетина други градови Германија. Просечната вредност на загаденост со азотен диоксид во градот во 2018 година изнесувала 46 микрограми, што е за шест единици над лимитот. Во 2017 година, вредноста изнесувала 51, а една година пред тоа 52 микрограми.

При екстремна загаденост со честички РМ е вистинска мистерија зошто во Македонија вредностите за NO2 постојано се во примерни рамки, иако главните извори на двете загадувачки супстанци се совпаѓаат

Во последниот објавен извештај за квалитетот на животната средина за Македонија, за 2016 година, нема регистрирано пречекорување на емисијата со NO2, но затоа се наведува дека „Поради пониска покриеност со податоци за NO2 при анализата не се земени податоците од мерните места Лазарополе, Мршевци, Гази Баба, Лисиче, Кичево, Велес 1, Кавадарци и Центар.“ Меѓу главните извори на штетниот азотен диоксид се најбројуваат производството на електрична енергија и сообраќајот со возила со дизел мотор.

Домашните еколози уште го немаат утврдено „неприродниот“ сооднос кај нас, меѓу екстремно високата загаденост со суспендирани честички РМ и примерно ниската загаденост со азотен диоксид.

https://www.instagram.com/p/By2LOSSDdRQ/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bosch автопилотирано возење

Техниката за автопилотирано возење ќе пристига од Bosch

Ford Ranger Raptor ќе добие V8 од Mustang само за Австралија

Ford Ranger Raptor ќе добие V8 од Mustang само за Австралија