127
17 shares, 127 points

Во царинската управа сигурно ќе се израдуваат кога ќе забележат дека на нивниот калкулатор за новиот данок за моторни возила, некој ги пресметувал давачките за Bentley Flying Spur. Со обете вредности што ги пресметува калкулаторот, може да се купи автомобил. Само делот од данокот што се одредува според вредноста на возилото, изнесува 31.500 евра. Делот од данокот, пак, што зависи од емисијата на СО2, еколошката компонента, изнесува 1.369 евра.

Вкупно, купувачот на Bentley Flying Spur, при регистрација на автомобилот во Македонија, треба да плати на име на данок на моторно возило 32.869 евра. Тоа се вредностите што се добиваат во случај благородната британска лимузина да се нарача во „основната изведба“, па царинската основица да изнесува 150.000 евра. Веројатноста дека купувач на Bentley нема да посака специјалистите за луксуз и престиж во Кру да му изработат барем еден детал по посебна желба, исклучително е мала.

Во секој случај, доколку Flying Spur бил нарачан со време, можно е деновиве да се добие телефонски повик од Bentley, за сопственикот да си го преземе автомобилот. Марката во сопственост на концернот Volkswagen штотуку стартува со испорака на првите примероци од моделот. Прво ќе бидат услужени клиентите во Европа и Обединетото Кралство, а потоа доаѓаат на ред пазарите на Истокот, во Северна Америка и Азија. Уделот на новиот Flying Spur во вкупната продажба на Bentley се очекува да достигне околу 20% во текот на годинава.

Производството на моделот започна во ноември, во фабриката на Bentley во Кру, прва фабрика во Кралството којашто има сертификат дека произведува неутрално во поглед на емисијата на СО2.

Според производителот, новиот модел настапува со емотивен дизајн, динамични возни својства, најдобар стил во кабината и иновативна технологија. Flying Spur е врвната гран-туринг лимузина, што „нуди перфектна фузија на агилност ориентирана кон перформансите и ексклузивен комфор на лимузина.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

Многу детали и покрупни работи во кабината се единствени и фасцинантни, но тоа што остава дополнителен белег кај новиот Spur е ротирачкиот средишен дел од кокпитот, во стилот на вртливите регистерски таблички на Џејмс Бонд. По желба, во средината на кокпитот може да се избере дисплеј од 12,3 инчи или да се изротира да се прикажат аналогни инструменти, или пак, најгрижливо изработен дрвен панел.

За озвучувањето се ангажирани имиња од друга лига. Може да се избира меѓу три специјалисти за аудио-езотерија, од Bang & Olufsen со 16 звучници, до неговото височество Naim, со моќност од 2.200 вати.

Каросериската школка се состои од алуминиум и композити, управувањето на сите тркала првпат се користи во Bentley, во комбинација со погон на сите тркала и прв во светот 48-волтен систем за спречување на секакво попречно или надолжно наведнување на каросеријата. Пневматската амортизација користи трикоморни воздушни „мевови“, а возачот може да избира во најширок дијапазон, од лимузински комфор, до подвозје што е стегнато како тркачки болид.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот е шестлитарски V12 со твин-турбонатполнење, во спој со осумстепен менувач со двојна спојка. Спринтот до темпо сто трае 3,8 секунди, забрзувањето престанува дури на 333 km/h.

Како што откриваат од Кру, повеќе од 80% од клиентите го нарачуваат својот Flying Spur во варијантата Mulliner, со специјални бандажи од 22 инчи, посебна обработка на кожата со којашто е обложен целиот ентериер и јасно видливи амблеми на Bentley.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

127
17 shares, 127 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *