за

Колку чини дополнителната опрема во Bentley?

Bentley Continental
Bentley Continental

Bentley сигурно не е автомобил што се среќава секој ден. „Најдостапната“ можност да се седне во автомобил под заштитниот знак на буквата Б со крилја е само малку под 200.000 евра, за Continental GT V8. Но, тоа е само почетокот. Има уште многу ставки од опремата, за кои допрва треба да се доплати.

Доплатата подразбира и можност, скапоцениот и благороден автомобил да се испорача во дречлива и сосем несвојствена боја, на пример жолта. Овој „луксуз“ ќе чини 4.500 евра, а притоа и не станува збор за металик или бисерна боја, туку обична жолта боја. Барем црната кожа на седиштата е стандард, но за штеповите на седиштата и во кокпитот да бидат во контрастна жолта боја, треба да се доплати 1.750 евра.

Екстра-комфорни седишта чинат 4.000 евра, за пневматската амортизација се доплаќа уште толку. Најскапата опција чини колку градски автомобил. Во пакет со име „Mulliner Driving Specification“ се вклучени црни бандажи од 22 инчи, „баклава“ штепови на кожата во кабината, спортски педали и уште бројни други ставки, за … 12.500 евра.

Од системите за асистенција се добива и ноќно гледање, секако со доплата

Кој цени дека ќе му бидат потребни и сите можни системи за асистенција што ги нуди браншата во моментов, за тоа ќе издвои 6.300 евра. Во тој случај, покрај основните функции за автопилотирано возење, се добива и систем за ноќно гледање. За електрично отворање на багажникот и сензор под браникот, мора да се избере „пакет за град“, со цена од 4.000 евра, при што се добиваат и камера за знаци и приказ на возилото во 360 степени.

New item by Automedia MK / Google Photos

Британците ќе излезат во пресрет и на клиентите што не сакаат нивниот Bentley да сјае толку. Соодветниот пакет се води како „Blackline Specification“, при што сиот хром се заменува со помалку впечатлив финиш. Цената: 3.250 евра.

Спротивно на претходниот пример, постои опција за логото на Bentley да биде на златна основа и со натпис „Centenary Specification по повод ланското одбележување на стогодишнината на марката. Овој мал, но вреден детал во посебниот круг возачки и возачи чини 1.385 евра.

Специјалитетот на Bentley во стилот на 007 (патем, Бонд во романите на Флеминг вози Bentley) е ротирачкиот дисплеј во средината

Тоа што не смее да се пропушти е „превртливиот“ дисплеј во вредност од 4.800 евра, во стилот на филмовите за Џејмс Бонд, кога целиот средишен панел, заедно со дисплејот на него, ротира и на неговото место се појавува следниот панел, со различен дизајн. На озвучување најмалку треба да се штеди, имајќи предвид дека од звукот од моторот или од подвозјето, само малку ќе допира до кабината. Озвучување од врвниот специјалист за аудио-езотерија Naim, чини 6.600 евра и вклучува 18 звучници и засилувач од 2.200 вати.

New item by Automedia MK / Google Photos

Останатите ставки се „ситници“. Амбиентално осветлување чини 1.500 евра, GPS-тракер исто толку, безжичното полнење се наплаќа 285 евра, а дебели патосници чинат 360 евра. Но, кога ќе се соберат сите ставки што следат на основната цена, се добива вистинска претстава за обемот на цените што ги одредува традиционалистот од Кру. Вкупно 60.000 евра, само за дополнителна опрема. Во концернот Volkswagen, кадешто припаѓа Bentley, за таа цена може да се купи Touareg.

https://www.instagram.com/p/CAVcty7M3Aq/

https://www.instagram.com/p/BmtA4glloC6/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes не дава поддршка за синтетските горива

Mercedes не дава поддршка за синтетските горива

Електрични автомобили Канада, Tesla

Tesla работи на подостапни батерии со поголем досег