за

Bentley Bentayga почна да вози со хибриден погон

Bentley Bentayga Hybrid
Bentley Bentayga Hybrid

Возењето на струја станува престиж. Во исто време кога на пазарот пристигаат релативно подостапни автомобили на батерија, промени се случуваат и во врвниот сегмент, кај најскапите и најексклузивни модели. На богатите почнува да им значи работата на електромоторот во погонската спрега, место V12 или дизел со цела фабрика за пречистување на издувните гасови.

Bentley стартуваше со испорака на изведбата на големиот СУВ со плагин хибриден погон. Електрификацијата се случува во престижната британска марка во годината во којашто таа прославува еден век постоење. Bentley Bentayga Hybrid е првиот автомобил во врвниот луксузен сегмент што користи електромотор во погонската спрега и секако дека се издвојува во понудата на марката со нормираната потрошувачка од 3,5 литри бензин на сто километри.

Планот е секоја моделска серија на Bentley да добие изведба со хибриден или плагин хибриден погон до 2023 година, за две години подоцна да се појави и првиот модел со погон само на струја. Британската марка прикажа како ќе изгледа нејзината „електрична“ иднина преку концептот Bentley EXP 100 GT.

Електрификацијата почнува и во кругот на фабриката на Bentley во Кру, кадешто се поставени повеќе од 50 полначи за електрични автомобили

Електромоторот во погонската спрега постигнува моќност од 94 kW/128 КС и вртежен момент од 400 њутнметри. Бидејќи го постигнува максималниот вртежен момент буквално од првиот вртеж, електромоторот помага и да се совлада „турбо-дупката“ при поаѓање или забрзување. Комбинацијата ја дополнува 3,0-литарски V6 со турбонатполнење. Системскиот вртежен момент достигнува 700 њутнметри, крајната брзина е 254 km/h, спринтот од место до сто трае 5,5 секунди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со полна батерија може да се извозат 39 километри според реалната норма WLTP. Нормираната потрошувачка на гориво изнесува 3,5 литри на сто километри – таа кај хибридните возила се пресметува на тој начин што прво се зема предвид растојанието што возилото ќе го мине само на струја, а преостанатиот пат до сто километри се вози со комбинирана работа на моторот и електромоторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во хибриден режим на работа, како еден од трите режими што му стојат на располагање на возачот, интелигенцијата на погонската спрега ги чита информациите од системот за навигација и соодветно ја приспособува заедничката работа на моторот и електромоторот, со цел да се постигне најниска можна потрошувачка на гориво.

За врвните мајстори во фабриката во Кру рачно да изработат Bentley Bentayga со хибриден погон, исто како и сите останати модели на престижната британска марка, потребно е на сметката на компанијата да се префрлат најмалку 140.000 евра.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren нов салон во Јоркшир

McLaren во Јоркшир: Кога на отворање салон изложуваш Ф1-болид

од кого препишуваат автомобилските портали

А, од кого препишуваат англиските, германските, српските авто-портали?