за

Bentley го отвори и третиот ексклузивен салон во Москва

Луксузната марка од островот цени дека рецесијата не ги погодува богатите Руси и го отвори третиот салон во Москва, во очекување дека купувачите ќе навалат откако ќе стартуваат продажбите на теренецот Bentayga.

Британската марка во сопственост на Volkswagen го отвори третиот ексклузивен салон во југоисточниот дел во Москва, на највидното место на Волгоградски Проспект 41, веднаш спроти салоните на Rolls-Royce и BMW. Москва е меѓу најнаселените градови во светот, со 12 милиони жители. Останатите два салона на Bentley во градот се наоѓаат во Третјановски Проезд и во познатото „луксузно село“ Барвика. Освен автомобили, на клиентите ќе им се нудат и скапоцените брендирани производи на британската марка.

Според шефовите во Кру, овој салон што е веќе петти на територијата на Русија ќе има „клучен придонес за натамошниот раст на компанијата“. Рускиот пазар на автомобили забележа пад од 42 проценти во април. Економијата во земјата се соочува со првата поголема рецесија по 2009 година, поради слабеењето на националната валута и трговските санкции на САД и ЕУ. Продажбата на суперексклузивниот теренски автомобил со ознака Bentayga ќе стартува кон крајот на годинава. Bentley Motors располага со преку 200 ексклузивни салони во 57 држави во светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вилушкари со погон на водород во фабриките на Mercedes

„Гринпис“ пред 20 години ги посрамоти производителите со автомобилот од 3 литри