за

Bentley ги збоде мамузите во новиот Flying Spur

Благородната британска марка ги поздравува конкурентите Maserati Quattroporte и Aston Martin Rapide S со освежен Flying Spur. Тој е подобар во сé од претходникот, а ако купувачот доплати, уште подобар.

Изборот на локацијата за прво возење на новите модели на автомобили секогаш носи одредена симболика. Тоа што благородната британска марка Bentley избра светската презентација на луксузниот крстосувач Flying Spur да се одржи токму во Шангај укажува јасно на патот по кој што ќе продолжи да вози марката од островот. Тој што продава успешно на растечкиот пазар во Кина има одлични изгледи да опстане и да успее уште долго на автомобилската сцена. Претходната генерација на Flying Spur од 2005 година беше бестселер на британската марка во Кина. Моделот сега влезе во новата генерација.

Инженерите во англискиот Кру извлекоа 625 КС од дванаесетцилиндарецот во W, мотор кој е познат уште од претходната генерација и се вградуваше и во Volkswagen Phaeton. Со оваа моќност, бензинецот со битурбо натполнење е за 15 проценти посилен дури и од врвната верзија Speed на моделот од првата генерација. Вртежниот момент на шестлитарскиот агрегат сега изнесува 800 њутнметри и се пренесува постојано на сите четири тркала преку осумстепениот автоматски менувач од ZF. Оттука не е изненадување тоа што луксузниот крстосувач се наоѓа на темпо 100 веќе по 4,9 секунди од стартот. Забрзувањето престанува дури кога стрелката на брзиномерот ќе се најде на позицијата за 322 километри на час.

Нормално е што стратезите воопшто не размислуваат да понудат уште побрза и помоќна верзија, како што беше Speed кај претходникот. Верзија со осумцилиндарски мотор, каков што имаат купето и кабриолетот од Continental, воопшто не доаѓа во предвид.

Покрај овие силни бројки на Flying Spur и луксузот кој зрачи од неговата внатрешност и уште повеќе од внатрешноста, човек ќе се запраша зарем е навистина можно над ова да има уште еден степен. Секако дека има, тоа е домен на знаменосецот Mulsanne. Новиот Flying Spur повеќе се гледа во улога на бодибилдер, на кого што мускулите му поигруваат под костумот сошиен по мера. Купувачите го бараат тоа – модерно интерпретиран луксуз, кој што по барање на возачот е во состојба во секој момент да испорача врвна динамика. На истата формула се базирани и ривалите како Maserati Quattroporte и Aston Martin Rapide.

Инженерите заменија неколку компоненти од возилото со полесни и на тој начин заштедија педесетина килограми. Тоа е безначајно покрај тежината на празно возило од преку два тона, но во секој случај е чесно. Моќниот мотор и без тоа нема проблеми со тежината на возилото. Според тврдењата на Bentley, потрошувачката е намалена за 13,5 проценти во споредба со претходникот и сега изнесува 14,7 литри. Тоа не им е важно на клиентите, но вреди да се знае чисто заради трудот.

Амортизацијата се приспособува автоматски според условите на возење и според подлогата и за 13 проценти е омекната во споредба со порано. Патниците во кабината ги пречекува рачно сошиена кожа и мебел од најпрефинета сорта. Покрај тоа, на избор стојат 17 бои за каросеријата, дванаесет бои за кожата и две дополнителни изведби на фурнир. Ако тоа некому се види недоволно, може да побара специјални бои и материјали од понудата на Mulliner – и да плати соодветно за тоа.

Врвното озвучување се подразбира во благородните британски лимузини, а со доплата сега се добива и современ мултимедиски систем кој ги подржува сите видови на интерконекција и интеракција, почнувајќи од говорни команди до пристап на интернет и блутут. Клиентите во Азија ќе бидат повеќе одушевени од дополнителните монитори од десет инчи за задните седишта, во комбинација со далечинска команда. Тие повеќе сакаат да се возат во Bentley, за разлика од европските купувачи кои повеќе сакаат да се најдат на местото зад воланот во оваа лимузина.

Втората генерација на моделот се откажа од старото семејно име Continental, но и од неговите каросериски облини. Линиите на новиот Flying Spur сега изгледаат повеќе стегнато, повеќе атлетски. Во комбинација со надолжните рабови по каросеријата кои што ја нагласуваат динамиката на каросеријата одат нови светла напред и назад, и развлечено латинично B во предните крила. Најзначајните промени сепак се под каросеријата. тука има преку 600 нови или оптимирани делови. Каросеријата е покрута и со зајакната структура, што во еден чекор ги подобрува комфорот, динамиката, безбедноста и заштитата на пешаци.

Технички податоци

  Flying Spur
Мотор
Тип 6-литри, битурбо натполнење W12
Моќност 625 КС @ 6000 врт/min
Вретежен момент 800 Nm @ 2000 врт/min
Пренос
Тип ZF 8-степен автоматски менувач со Quickshift, Block Shifting и команди на волан
Погон Постојан на сите тркала (40:60)
Преносни односи 1 : 4.71; 2: 3.14; 3: 2.1; 4: 1.67; 5: 1.29; 6: 1.00; 7: 0.839; 8: 0.667
Краен пренос 2.85
Сопирачки
Напред 405mm вентилирани дискови (опција 420mm карбон силикон карбид)
Назад 335mm вентилирани дискови (опција 356mm, карбон силикон карбид)
Бандажи и гуми
Бандажи 19, опција 9.5J x 20″ и 9.5J x 21″
Гуми 275/45 ZR19, 275/40 ZR20, 275/35 ZR21
Управување
Тип Со запчеста летва, серво, прогресивен ZF servotronic
Вртежи од крај до крај 2.8
Круг на вртење 11.7 m
Водење на тркалата
Напред Две триаголни водилки, компјутерски водена пневматска суспензија со приспособлива висина, стабилизатор
Назад Со повеќе водилки, компјутерски водена пневматска суспензија со приспособлива висина, стабилизатор
Амортизација Приспособлива
Димензии
Меѓуоскино растојание 3065 mm
Должина 5295 mm
Ширина 1976 mm
Висина 1488 mm
Резервоар 90 литри
Багажник 475 литри
Празно возило 2475 kg
Дозволена тежина 2972 kg
Перформанси
Крајна брзина 322 km/h
0-60 mph 4.3 sec
0-100 mph 9.5 sec
0-100 km/h 4.6 sec
0-160 km/h 9.5 sec
Потрошувачка на гориво
Град 22.4 L/100 km
Пат 10.2 L/100 km
Просек 14.7 L/100 km
Емисија на CO2 343 g /km

[nggallery id=44]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Толку се плаќа за патарина и вињета во европските држави

На дизелот му се одброени деновите