за

Bentley викендов се враќа во Зелениот Пекол

Bentley ќе пушти два Continental GT3 на најпредизвикувачката трка во светот. Викендов претстои 24-часовната трка на Нирбургринг. Британците го имаат за партнер ABT Sportsline, име што стои зад многубројни победи на патеката.

Зелениот пекол, како што познавачите ја нарекуваат тркачката патека сместена го густите германски шуми, викендов повторно ќе биде центар на збиднувањата на тркачката сцена. Bentley Motorsport ќе вози на Нирбургринг во обид да го освои зелениот пекол со Continental GT3. Тркачката патека што е неизбежен дел од тест-програмата за секој позначаен нов модел во светов, во периодот меѓу 26-ти и 29-ти мај повторно ќе биде домаќин на најпредизвикувачката трка во издржливост во светот, 24 часа Нирбургринг.

За годинешниот настап, Bentley воспостави соработка со Bentley Team ABT Sportsline, дел од реномираната тјунерска работилница, којашто своето име го градеше токму на тркачките патеки. Брајан Гаш, директор за мотоспорт на Bentley, покажува оптимизам: „Северниот јазол на Нирбургринг е позната како најтешка тркачка патека во светот и поради тоа на неа и ги тестираме сите наши патнички автомобили, минувајќи илјадници километри во нивниот развој. Променливи временски услови, темнина, високи брзини и околу 160 автомобили – очигледно е зошто оваа патека е домаќин на најпредизвикувачката трка во светот и тоа ја поттикнува желбата на Bentley да победиме на Нирбургринг 24 часа.“

Партнерот ABT повеќепати настапувал во трка на Нирбургринг и ги докажа своето искуство и познавањето на Северниот Јазол, кога на дебитантската трка на Continental GT3 се пласираше во првиот ред на стартот на шампионатот VLN на Нирбургринг. Со четиричасовните трки, овој шампионат сепак е помалку предивикувачки од 24-те часа на патеката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески суперавтобус во дриблинг со автомобилите под него

Дваесет автомобили пропаднаа во земја во Фиренца