за

Автомобилот што беше половина век пред своето време

Автомобилот што беше половина век пред своето време
Автомобилот што беше половина век пред своето време

По завршетокот на втората светска војна, американскиот производител на авиони Beechcraft се соочи со истите проблеми, како и повеќето компании во браншата. Снабдувањето на војската донесе огромна заработка, а многу напредуваше и техниката. Меѓутоа, авиони повеќе не се нарачуваа, мораше да се бара нов бизнис. А, зошто да не се развиваат и произведуваат автомобили?

Одговорот го даде прототипот Beechcraft Plainsman (рамничар). Влијанието од авиоиндустријата се препознаваше во изгледот на голем број прототипи на автомобили од тоа време. Вистинската сензација беше под ламарината. Малечкиот боксер мотор, изведен од авионски мотор, служеше како генератор и произведуваше струја за четирите електромотори – на секое тркало по еден.

Потрошувачката на гориво од околу осум литри на сто километри беше неверојатно ниска. За тоа придонесуваа и лесната алуминиумска каросерија, изведена според сите начела на аеродинамиката – компанијата сепак произведуваше авиони. За возилото тешко околу 1.000 килограми, Beechcraft ветуваше крајна брзина од 250 километри на час. Кон крајот на 1940-те години, тоа беше уште една илузорна вредност, во време кога во САД не постоеја ниту автопатишта. За сопирање, плус половите на генераторите стануваа минус полови, и обратно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На списокот на технички иновации има уште ставки. Висината на подвозјето се дотеруваше, пред возачот се наоѓаше покажувач на моментната потрошувачка на гориво, а анетаната над ветробранот служеше за безжичниот телефон. Зборуваме за 1946 година. Единствено недостигаа безбедносни ремени. Во тоа време уште не се мислеше на безбедноста.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Возилото требаше да чини исто колку Cadillac. Студиите што следеа сепак покажаа дека цената би била двојно повисока. Plainsman беше неисплатлив за внесување во сериско производство.

Во меѓувреме, се создадоа услови за Beechcraft да продолжи со стариот бизнис. Започнуваше Студената војна, на светот повторно му требаа воени авиони. Натамошната судбина на прототипот Plainsman не се знае.

https://www.instagram.com/p/x47KV8rEcw/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

„Корветата“ на Сер Клиф Ричард и „мерцедесот“ на Лулу бараат нови сопственици

„Корветата“ на Сер Клиф Ричард и „мерцедесот“ на Лулу бараат нови сопственици

Volkswagen e-Golf

Електричниот Golf во Германија се продава поевтино од бензинецот