168
22 shares, 168 points

Според последната статистика, во Македонија во 2018 година биле регистрирани 11.706 автомобили со погон на автогас. Нивниот број бележи исто ниво најмалку пет години наназад. Погонот што може да придонесе за намалување на штетната емисија од сообраќајот доживува револуција во Германија, кадешто бројот на возила со погон автогас пораснал за 55,6 проценти.

Лани во Македонија беа субвенционирани околу 800 возила, во чиешто префрлување на погон на автогас, државата учествуваше во покривањето на трошоците со најмногу 18.000 денари. Споредено со вкупниот број од 415.051 патнички автомобили, според Државниот завод за статистика за 2018 година, уделот на овие возила е незначителен, меѓутоа проектите од ваков вид е неопходно да прераснат во почеста практика, во насока на подобрување на еколошкиот биланс на возниот парк во државата.

На возилата со погон на автогас воопшто не беше ставен посебен нагласок во последните десетина години, откако почна масовниот увоз на стари автомобили со слаб квалитет на издувот, првенствено од германскиот пазар. Додека бројот на автомобили со дизел мотор забележал двократно зголемување, од 92.700 во 2012 година, на 208.805 во 2018 година, во сегментот на возила со погон на автогас целосно отсуствува некаков повпечатлив тренд. Тука статистиката пријавува 9.501 автомобили на автогас во 2018 година, за по шест години, бројот да се зголеми на 11.706 возила.

Последните субвенции ќе придонесат за скромниот возен парк од возила со погон на автогас кај нас да се зголеми за 10%, во Германија овој погон доживеал вистинска револуција лани, со раст од преку 50%

Додека македонските „автомобилски власти“ штотуку ги прават почетничките и конечно правилни потези, со вклучувањето на еколошката компонента при купувањето и експлоатацијата на автомобили, еден пример од најголемиот пазар за автомобили во Европа покажува охрабрувачки тренд во корист на автогасот. Примерот доаѓа од Германија, кадешто лани биле регистрирани 55,6% повеќе автомобили со погон на автогас, отколку преклани. Со тоа, возилата на автогас се изнедначиле со возилата со погон на метан – двете категории возила со алтернативен погон лани постигнале повеќе од 7.000 нови регистрации.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Трендот го поздравуваат и од германското здружение за возила со алтернативен погон, од кадешто соопштија дека „во 2019 година потрошувачите повторно покажаа зголемен интерес за автогасот. Политиката треба да го препознае потенцијалот на алтернативното погонско гориво во насока на намалување на емисијата на СО2.“

Согорувањето на автогсот ослободува помалку СО2, но повеќе релевантно за екстремната загаденост во македонските градови е тоа што не се ослободуваат неразградливи честички (PM) и незначителна е емисијата на исто така штетните азотни оксиди

За позитивните движења во сегментот на автогасот се погрижија и даночните олеснувања, кои на германските возачки и возачи им следуваат до 2022 година. Од Здружението пресметале дека постоечкиот возен парк од возила со погон на автогас во земјата ја поштедува животната средина од 400.000 до 500.000 тони СО2 на годишно ниво.

Согорувањето на автогасот ослободува 21 проценти помалку СО2 во споредба со бензинот и 23 проценти помалку од дизелот. Уште поважно, за емисија на неразградливи честички, односно на фамозните PM-честички по коишто македонските градови се рекордери во светски рамки, речиси и не може да стане збор, исто како и за присуството на азотни оксиди во издувот, коешто е занемарливо во споредба особено во споредба со дизелот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

168
22 shares, 168 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *