Aутомакедонија веднаш по објавувањето на дилерството за СУВ-специјалистот SsangYong, започнува уште еден голем проект годинава. Станува збор за соработка со огранокот за комерцијални возила на италијанската групација Piaggio.
Од компанијата Аутомакедонија пристига уште една вест за нова марка во големото портфолио. Потпишано е ексклузивно дилерство за комерцијалните возила од италијанската групација Piaggio. Во понудата на Piaggio Commercial влегуваат лесни комерцијални возила со вкупна тежина до 3,5 тони, кои се идеални за работа во урбаните градски средини, поради малите димензии. Во поглед на перформансите, приспособливоста и носивоста нема компромиси и тоа овозможи марката да опстојува долги години на пазарот. Лани Piaggio Commercial испорачал 210.500 лесни товарни возила.
Понудата на Piaggio Commercial се состои од 2 категории на модели
APE се комерцијални возила на три тркала, кои го носат со себе препознатливиот ген на прочуениот мото-огранок на Piaggio. Големата приспособливост дозволува превоз на најразличен вид товар, при максимална практичност во урбаните средини, а истите секојдневно се трансформираат за најразлични потреби. Посебно се впечатливи изведбите во форма на улични кафулиња или ресторани на тркала.
Втората категорија се води како Porter. Тоа се товарни возила со четири тркала, со вкупна бруто маса од 3,5 тони и максимална дозволена носивост до 1,2 тон. Во поглед на основната платформа и можните надградби на истата, Porter може да се испорача како товарно возило со гола платформа, врз којашто може да се поставуваат најразлични надградби. Овие варијанти наидуваат на голема примена во комуналната сфера. Постојат уште верзија со отворена платформа, кипер и фургон.
Покрај стандардната изведба со бензински мотор, фабрички се испорачуваат и изведби што се приспособени за погон на автогас (ЛПГ), а наскоро ќе стартуваат и електрични верзии во гамата на Porter.
Салонот за Piaggio Commercial ќе биде лоциран во продажно-сервисниот комплекс на Аутомакедонија во населбата Кисела Вода, во Скопје, а првите возила пристигаат наскоро.