за

Auto Bild: Наследникот на Skoda Yeti се вика Karoq и пристига веќе годинава

Германскиот магазин Auto Bild ги објави првичните информации за наследникот на Yeti. Новиот компактен кросовер ќе го носи името Karoq, речиси е идентичен со Seat Ateca и ќе стартува со продажба кон крајот на годинава.

Офанзивата на теренци од концернот Volkswagen штотуку го зема полниот замав. На YouTube се појави видео на коешто наследникот на Skoda Yeti е снимен во возење по чешките автопатишта. Видеото е со послаб квалитет и деталите не се распознаваат, така што овој прототип во завршна фаза од тестирањето изгледа како смалена верзија на Kodiaq. Според информациите во видео-објавата, идниот Karoq ќе има премиера на 18-ти мај во Шведска. Во веродостојноста на оваа информација не би требало да постојат сомнежи, затоа што Skoda постапи слично пред премиерата на Kodiaq, кога самата ги објави првите вести за новиот теренец под „туѓ профил“.

https://youtu.be/glDDkgRqR10

Според објавата на Auto Bild, наследникот на Yeti има речиси идентична конструкција со Seat Ateca, „којашто првично дури и беше развиена од Skoda“, откриваат Германците. Истите гени ги делат и T-Cross, кросовер изведбата од Golf, и Audi Q2.

Се размислува за „благ-хибрид“ со електромотор од 10 kW за погон на помошните агрегати

Под хаубата ќе работат истите мотори како во Kodiaq, што значи бензинци со моќност меѓу 125 и 220 КС и дизели меѓу 120 и 184 КС. Магазинот Auto Bild пишува уште дека „за плагин-хибриди и електрични верзии уште не се размислува во оваа класа, но затоа доаѓа в предвид благ хибрид со електромотор со моќност од најмногу десет киловати.“ Овој електромотор нема да учествува во погонската спрега, туку првенствено ќе служи за погон на помошните агрегати. Се очекува Karoq да стартува со продажба веќе кон крајот на годинава, по цена од околу 22.000 евра во основната моделска изведба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Suzuki Swift во лимузинска изведба – само за Индија

Consumer Reports ја скуси оцената на моделите на Tesla