Користени возила

Auto Bild: Какви се M3, C 63 AMG и IS F како користени автомобили?

Германскиот магазин тестираше користени примероци од спортските лимузини со мотор V8. Легендите BMW M3, Mercedes C 63 AMG и Lexus IS F чинеа најмалку 70.000 евра пред десетина години, а денес се достапни за една третина од цената на ново. Auto Bild провери дали инвестицијата се исплатува.

Под насловот „V8 за сите!“, водечкиот европски магазин за автомобили ги стави на тест спортските лимузини со мотор V8, коишто се сон на многумина ентузијасти: BMW M3, Mercedes C 63 AMG и Lexus IS F. Сите со големи атмосферски мотори кои ја извлекуваaт импресивната моќност преку класичниот принцип на високи вртежи, за разлика од нивните современици што користат смалени мотори со битурбонатполнење – со исклучок на IS F, кој и натаму вози со петлитарскиот V8.

Пред десетина години, овие култни имиња чинеа најмалку 70.000 евра, вклучувајќи неколку опции. Денес, истите може да се најдат на плацевите за користени автомобили за една третина од првичната вредност. Auto Bild: „Тие немаат изгубено од шармот, затоа што во поглед на повлекувањето, лесното качување вртежи и звукот, атмосферските мотори V8 се надмоќни во споредба со нивните пандани со турбонатполнење.“

Триото им е добро познато на Германците. Во 2008 година, M3 ги декласираше IS F и C 63 AMG на тест-возењето по патеката Хокенхајм, со време на круг од 2:02,71 минути и со предност од близу две секунди. Тогаш Auto Bild образложи дека BMW е полесен за 86 килограми од Lexus, односно за 172 од Mercedes, и располага со најдобар сооднос меѓу тежината и моќноста, иако има најниска силина во триото. Магазинот: „Поради релативно лестниот четирилитарски мотор, M3 има најдобар баланс, додека носотповеќе тежи во Lexus и Mercedes.“ Тоа дава неутрални возни својства, а за остатокот се грижат механичката блокада на диференцијалот и најкусиот пат на сопирање.

Lexus и Mercedes сепак се далеку од „патчиња“. Auto Bild опишува дека чувството е како да се вози автомобил за шампионат во туристичката класа, подвозјето и управувањето се стегнати, а единственото што пречи е подуправувањето. За C 63, магазинот пишува: „Се зема S-Class со моќен мотор и каросеријата се собира на минимум околу моторот. 6,2 литри, 600 њутнметри и звук од когошто се паѓа на колена.“

Но, како Auto Bild ги оценува овие тркачки лимузини како користени автомобили?

BMW M3 Limousine (Е 90)

bmw m3 e90

За 23.000 евра се наоѓа примерок со добра состојба со најмногу 125.000 километри. Генерацијата Е 90 e пресвртница во историјата на BMW. За првпат под хаубата работеше V8, кој е воедно и последниот атмосферски мотор во модел од M GmbH. Четирилитарецот ги одушевуваше фановите со лесното качување на вртежите и со спортскиот, високофреквентен звук на V8. Моќното повлекување не е силна страна на овој мотор со кус од на цилиндрите, а покрај тоа и реалната моќност заостануваше зад декларираната. Некои тјунерски работилници измерија 390 до 400 КС.

Моторот е мошне издржлив и не трпи од возење по тркачка патека. Вообичаено за овие мотори треба да се внимава на интервалите за промена на маслото, како и на правилната сорта на масло. Единствена слаба точка на инаку издржливиот V8 се летечките лежишта на коленастото вратило, коишто обично издржуваат до 100.000 километри. Нивната замена чини околу 2.000 евра, по шпто моторот е подготвен за следните сто илјади километри. Мануелниот и менувачот со двојна спојка се солидни и издржуваат многу километри, сериските сопирачки се сосем доволни во секојдневието. Со спортски плочки Pagid може да се извозат и неколку брзи кругови на тркачка патека.

Lexus IS F (Тип UXE2)

lexus is f

IS F во добра состојба е достапен за околу 25.000 евра. На прашањето од Auto Bild до експертите за Lexus околу недостатоците и слабостите на моќната-лимузина, одговорот секогаш беше истиот: „Не, тој нема никакви проблеми. Само вози и вози.“ Моторот развиен заеднички со Yamaha издржува 200.000 километри без проблеми, под услов да се почитувани сервисните интервали. Тоа што атмосферскиот V8 се вградува и денес во Lexus RC F и GS F укажува колку е добра неговата конструкција. Сепак резервните делови се мошне скапи и потребно е време додека истите се испорачаат од Јапонија.

Auto Bild препорачува возачите што сакаат да го почувствуваат потенцијалот на IS F да ја изберат верзијата по фејслифтот од 2010 година, со блокада на диференцијал. Мала критика се искажува за седиштата, коишто според Германците би требало да се повеќе контурирани во долната половина.

Mercedes C 63 AMG (W204)

mercedes c 63 amg w204

За добар примерок со најмногу 125.000 километри и тука треба да се издвојат 25.000 евра. Атмосферскиот осумцилиндарец од 6,2 литри, којшто во W204 се нудеше и во верзии со 487 КС (Performance Package), 507 КС (Edition 507) и 517 КС (Coupe Black Series) е голем погодок во поглед на издржливоста. Тјунерите имаат само пофалби за моторот, сериозни дефекти не се спомнуваат. Моделите од раните годишта може да имаат зголемена потрошувачка на масло, но Mercedes го коригираше тоа и подоцна почна да вградува други клипови. На форумите се спомнуваат неколку случаи на дефект на регулацијата на брегастите вратила и на хидрауличните чашки на вентилите.

Автоматскиот менувач е солиден, исто како и седумстепениот MCT којшто се вградува од 2011 година. Auto Bild препорачува поради масивната моќ да се избере примерок со блокада на диференцијал, за којашто се доплаќаа 2.261 евра. Уште поскапа беше доплатата за Performance Package (7.081 евра), со 487 КС, зајакнати сопирачки и волан обложен со алкантара. Магазинот советува примероците со оваа опција да се избегнуваат, затоа што замената на облогите и дисковите чини мало богатство. Единствената забелешка кај подвозјето важи за прераното трошење на лежиштата на амортизерите.

Заклучокот на Auto Bild го пренесуваме интегрално:

Денес се покажува дека некогашните горди цени на ново на овие три спортски лимузини не се неосновани, затоа што одговара квалитетот гледано на подолг временски период. Ниту спортскиот M3, ниту технички фасцинантниот IS F за колекционери или сенаменското оружје за секој ден C 63 AMG не причинуваат проблеми. Потребно е единствено да се одржуваат со внимание. Јасно е дека потрошувачката, осигурувањето, данокот, сервисирањето и резервните делови се мошне скапи, но понуденото уживање во возењето е вредно за тоа. Најголемата сума, а тоа е амортизацијата, веќе ја платиле претходните сопственици.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами