150
20 shares, 150 points

Семафорите директно ќе им испраќаат податок на возачите на Audi за брзината со којашто треба да возат за да го фатат зелениот бран. Новите автомобили произведени по јули ќе ја поседуваат техниката, како опција. Audi веќе две години ја нуди техниката во САД.

Производителите постојано го спомнуваат поимот вмрежување или конективност, но досега само малкумина имаа претстава што значи тоа. Во градот на Audi, во баварскиот Инголштат, возачите на поновите модели од марката ќе добиваат податок што е недостапен за останатите возачи.

Техниката се води како V2I, односно Vehicle-to-Infrastructure или комуникација на возилото со инфрастуктурата. Од јули, новите модели на Audi ќе бидат вмрежени со семафорите во Инголштат. Во 2020 година ќе следат уште неколку европски градови. Во кокпитот на Audi се прикажува брзината со којашто треба да се вози, за следниот семафор да се мине на зелено светло.

Бројачот од семафорите се преселува директно во инструмент-таблата на возилото

Доколку тоа не може да се случи при дозволената брзина, тогаш во инструментите се појавува бројач на преостанатото време до вклучувањето на зеленото светло. Техниката го прави возењето порелаксирано, и уште поважно, поштедливо и со смалена емисија на штетни материи. Audi е прв производител што сериските автомобили ги поврзува со семафорите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

V2I функционира за возачите на Audi во неколку градови во САД уште од крајот на 2016 година. Функцијата „Time-to-Green“ моментно се користи на повеќе од 5.000 крстосници во градовите Денвер, Хјустон, Лас Вегас, Лос Анџелес, Портланд и Вашингтон. Само во престолнината постојат околу 1.000 крстосници со информации за зелено светло за возачите на Audi.

Техниката ќе биде достапна во речиси сите моделски серии на Audi, како дополнителна опрема, за возила произведени по јули

Автомобилите од моделските серии A4, A6, A7, A8, Q3, Q7, Q8, секако и e-tron, што ќе се произведат по средината на јули, ќе располагаат со оваа функција, доколку се доплати за пакетот „Audi connect Navigation & Infotainment“, заедно со камера за сообраќајни знаци.

Причината за тоа што Европа доцни две години зад САД со примената на новата техника е во построгите и поробусни законски ограничувања. Натамошната динамика на воведување на техниката ќе зависи првенствено од брзината со којашто ќе се преоѓа на дигитализација на инфраструктурата.

Вмрежувањето има уште една корисна функција. Секој возач бил во ситуација да чека на црвено светло среде ноќ, а нема возила околу. Новата техника ќе го регистрира тоа и ќе го пушти возачот да мине. Условот, нормално, е возилото исто така да биде опремено со соодветната техника.

Кој знае да ги чита новите моделски ознаки на Audi?

Зошто електричниот Audi e-Tron GT звучи како V8 во новиот „Авенџерс“

Audi S5 со трилитарски дизел и малку на струја

Со Porsche до Галичник: Знаат ли овие автомобили за ограничувања?


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

150
20 shares, 150 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *