Во дваесеттата година од премиерата, Audi TT добива освежен изглед, посилни мотори и повеќе сериска опрема
Кога се појави во 1998 година, Audi TT беше една од највпечатливите појави на автомобилската сцена, преземајќи го дизајнот на концептниот автомобил којшто беше прикажан три години порано. Некои од стилските обележја остануваат и во третата генерација: Алуминиум во кокпитот, прогресивен дизајн на бандажите, куса рачка на менувачот со топчеста глава, карактеристичен капак на резервоарот и две тркалезни издувни цевки. Сето тоа се надоврзува на геометриски строгите линии на каросеријата.
Сега следува моделско освежување, точно за дваесетгодишнината на Audi TT. Нагласен е спортскиот стил, подобрени се перформансите, има нови ставки во сериската опрема. Виртуелниот кокпит следи како стандард, исто како и изборот на режими на работа на подвозјето, сензори за светло и за дожд, грејачи во ретровизорите и нови команди на воланот, за комплетно ракување со инфо-забавниот систем и со говорните команди.
Купето и родстерот фабрички се испорачуваат со бандажи од 17 инчи, а најголемата опција директно од фабрика се бандажи од 20 инчи. Има и три нови бои за каросеријата: Космос сина, пулс портокалова и турбо сина, при што последнава е резервирана за S line.
Досегашниот основен мотор повеќе не се нуди. Audi TT Coupe и TT Roadster отсега возат исклучиво со дволитарски бензинец. Нов основен модел е 40 TFSI со дволитарец со 197 КС, а по него следи 45 TFSI со 245 КС, што е за 15 КС повеќе отколку кај претходникот. Врвот му припаѓа на TTS, со 306 КС, четири коњски сили помалку од порано, но затоа со плус 20 њутнметри. Спринтот е подобрен на 4,5 секунди до темпо сто, додека на родстерот му се потребни три десетинки повеќе.
Топ моделот стандардно се испорачува со седумстепен менувач со двојна спојка и погон на сите тркала. Audi TT 45 TFSI може да се нарача и во верзија со погон на сите тркала, додека двете основни изведби може по желба да се комбинираат и со менувач со двојна спојка. Сите мотори стандардно се опремени со филтер за честички.
Испораката на германскиот пазар стартува во последниот квартал, книгите за нарачки се отвораат во септември. Тамошните цени за TT Coupe стартуваат од 35.000 евра, односно 2.500 евра повеќе за родстерот.