за

Audi TT Bimoto пред дваесет години возеше со 1000 КС

audi tt bimoto mtm tuning

Тјунерската работилница MTM во почетокот на милениумот излезе на сцената со екстремна изведба на TT, со два мотори од по 1,8 литар, кои заедно постигнуваа моќност над 1000 КС. Целта беше да се надмине брзина од 400 km/h.

Специјалистот за тјунирање Audi, германскиот MTM, во 2002 година се појави со Audi TT со два мотори. Автомобилот со „природно“ име Bimoto имаше задача да надмине 400 km/h. Во првата верзија, жолтото купе располагаше со 652 КС, постигнати со два 1,8-литарски турбо бензинци, секој со по 326 КС. Вториот мотор беше вграден зад предните седишта.

Предниот мотор испорачуваше погон на предните тркала, задниот мотор за задните – погон на сите тркала, во режија на MTM. Механизмите за префрлување на степените на двата мануелни менувачи беа споени. Сé имаше дупло, од двата мотори, преку два бројачи на вртежи, до две копчиња за стартување.

Однадвор речиси и не можеше да се забележи дека се работи за толку екстремна преработка. Тоа единствено го откриваа отворите во задните крила, за снабдување на задниот мотор со воздух. MTM постави голем спојлер назад, а издувниот систем го финишираше со три издувни цевки во средина, во стилот на Ferrari F40.

МТМ посебно внимаваше со екстремниот тјунинг да не се наруши управливоста и контролата над TT Bimoto

Инженерите сакаа прво да се уверат дека екстремниот Bimoto ќе биде возлив. Така и беше. Следен чекор: Натамошно зголемување на моќноста на 1,8-литарецот, до заедничка моќност од 840 КС. Bimoto тогаш го добива и карактеристичниот всисник на покривот, за уште подобро снабдување на задниот мотор со воздух. Крајната брзина веќе беше повеќе од убедлива, измерени беа 374 километри на час.

Меѓутоа, тјунерите не престануваат додека не извлечат сé. Во третата фаза, моторите постигнуваа по 501 КС, што значи вкупно 1.002 КС. Во тоа време, дури и Bugatti Veyron беше „послаб“, со 1.001 КС. На тестирањето на брзинскиот овал Нардо, во Италија, MTM Bimoto постигна фантастични 393 km/h. Целта за малку не беше постигната, но и 19,8 секунди за спринт од место до 300 km/h не е за потсмев.

Следеше уште една фаза, MTM мораше да постигне 400 km/h. Bimoto беше прелакиран и претрпе неколку преправки заради подобрување на аеродинамичноста. Меѓутоа, при закажаниот термин на Нардо дуваше пресилен ветер и Audi не успеа да ја постигне целта. Тоа беше и последиот обид.

Bimoto денес е во седиштето на MTM во Баварија. Наспроти шпекулациите, постои само еден примерок. Првичната идеја сепак била да се изработи серија од 10 примероци, секој со цена од по 600.000 евра. Идејата за жал не се реализираше.

„Домашното“ видео од 2002 година со легендарниот Тим Шрик во прилог на каналот DMAX

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Џејмс Бонд во романите на Флеминг вози Bentley

Џејмс Бонд во романите на Флеминг вози Bentley, не Aston Martin

Колку електрични возила има регистирано во Јужна Африка?

Колку електрични возила има регистирано во Јужна Африка?