за

Audi SQ8 со осумцилиндарец со 435 КС, случајно дизел

Audi SQ8
Audi SQ8

Сцената уште чека со нетрпение, Audi да претстави екстремна спортска изведба под знакот на RS во гамата на Q8, како одговор на Mercedes AMG GLE 63 и BMW X6 M. Додека се случи тоа, сосем доволна ќе биде и изведбата SQ8, по ново со дизел мотор.

Audi ги префрлува сите S-модели на европскиот пазар на дизел мотори, па ниту Q8 не е исклучок. СУВ-купето доби осумцилиндарски дизел со 435 КС, кој се вградува и во Bentley Bentayga и Volkswagen Touareg.

Audi Q8 се појави со извесно доцнење по Mercedes GLE Coupe и по пионерот на овој каросериски спој BMW X6. Моделот започна со продажба во минатата година, меѓутоа недостигаше посилен мотор од трилитарскиот дизел со 286 КС во Audi Q8 50 TDI. Купувачите на престижен СУВ од ковот на Q8 обично бараат и моќен мотор што ќе го надополни настапот.

Причината за доцнењето со топ-моделот е вообичаената, новите норми WLTP

Причината за задоцнетото воведување на моќниот мотор во гамата на Audi Q8 е иста како и кај сите останати производители, тоа е преоѓањето на новата норма за потрошувачка WLTP. Административната работа во меѓувреме е завршена и долго очекуваната изведба S-изведба со брутален V8 TDI ќе биде достапна од наесен.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Четирилитарскиот дизел постигнува 435 КС и ослободува вртежен момент од 900 њутнметри, кои стојат на располагање од 1.250 до 3.250 вртежи. Спринтот до темпо сто трае 4,8 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 km/h. Потрошувачката на гориво според многу пореалната норма WLTP изнесува 7,5 литри.

Посебноста на моторот е исклучително брзата реакција на гас. Тоа се должи на фактот што двата турбополначи се поставени меѓу двата реда цилиндри, а дополнително придонесува и тоа што вшмукувачките вентили се од „надворешната“ страна на моторот, додека издувните вентили се од внатрешната страна на овој V8 TDI.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Турбополначите работат според принципот на регистарско натполнење, односно се вклучуваат едно по друго. До 2.200 вртежи работи едниот полнач, над тоа се вклучува вториот. Препознатливиот осумцилиндарски звук користи генератор на звук, за соодветно да го зајакне звучното доживување кога тоа ќе го побара возачот.

Електричен компресор му помага на едниот турбополнач при поаѓањето и при забрзување од ниски вртежи. Овој компресор е поставен во бајпас зад интеркулерот и се вклучува кога е затворена придушницата. Кога ќе се побара поголема моќ, претходно компримираниот воздух струи кон турбокомпресорот и таму се компримира вторпат. Резултатот е дополнителна моќност и побрза реакција.

Нагласок на погонот на задната оска, доплата за активен спортски диференцијал назад

За преносот на сила кај петметарскиот Audi SQ8 TDI е задолжен автоматик со осум степени. Во нормален случај, силата се пренесува до двете оски во сооднос 40:60, што значи со нагласок на задната оска. Со доплата се вградуваат управување на сите тркала или активен спортски диференцијал.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Преку 48-волтната мрежа се напојува електричниот компресор, но и системот за спречување на клатењето на каросеријата. Доколку сериските бандажи од 21 инчи се недоволни, може да се доплати за еден инч поголеми тркала и гуми 285/40.

Нивото на опременост е вообичаено богато, со големите дисплеи на допир по целиот кокпит и со многу кожа во кабината. Сериските спортски седишта може да се заменат со уште поспортски, заедно со масажа и климатизација во нив.

Багажникот е со зафатнина од 605 до 1.755 литри. Системите за асистенција, комфорните системи и безбедносната опрема се исти како кај останатите модели во гамата на Q8. Цената на германскиот пазар се очекува да изнесува околу 90.000 евра.

Три модели на Audi во новиот „Спајдермен“

Групно преземање на 38 примероци од Audi R8 во Инголштат

Дваесет години и нов Audi A6 allroad quattro

Audi e-tron во мај со 856 испораки во САД

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra izgradba novo sediste

Започна изградба на седиштето на спортската марка Cupra

пробно возење истражување

Англичаните доаѓаат на тест-возење со змии, пушки, пепел