за

Audi S8 plus во изведба на тјунерот Abt: Кога 605 КС не се доволни

Најсилната лимузина на Audi уште од фабрика добива моќност достојна за суперспортски автомобил. Но, тјунерските работилници тоа не ги интересира, тие секогаш наоѓаат по уште некоја коњска сила.

Суперспортските автомобили некогаш изгледаа многу поразлично. Седумстотини и пет коњски сили отсега стојат на располагање во Audi S8 plus откако репрезентативната лимузина од високата класа ќе излезе од тјунерската работилница Abt. Тоа се точно 100 КС повеќе отколку во стандардната изведба на најсилната лимузина во понудата на Audi. Според прочуената тјунерска работилница во германскиот Кемптен, S8 plus со нивната преработка се претвора во „најелегантниот и најкомфорен суперспортски автомобил.“

Уште откако Audi го пушти S8 plus во битка против Mercedes-AMG S 65, со баварски 605 КС наспроти швабски 630 КС, инженерите за тјунирање на Abt реагираа и понудија пакет со 675 КС, односно 640 КС. Но, очигледно останале уште неколку коњски сили за додавање и тоа секако не смее да се пропушти, за актуелниот S8 plus да биде двапати помоќен во споредба со првиот Audi S8 од 1996 година. Според техничарите од Кемптен, моторот V8 со битурбо натполнење овозможува моќноста да се зголемува без нарушување на култивираноста на моторот, односно на лесното справување со моќта во секојдневието.

Заедно со моќноста расте и вртежниот момент: 840 Nm наспроти 700 Nm

Осумцилиндарецот во верзијата на Abt со 705 КС ја забрзува лимузината за 3,5 секунди до сто и продолжува до 320 километри на час. На сето тоа се надоврзува и импозантен вртежен момент од 840 њутнметри, наспроти стандардните 700 њутнметри. За нисколетачкиот болид на Abt може да се испорача и специјално дотерано приспособливо подвозје, со коешто каросеријата се спушта за 20 милиметри. Abt има уште неколку начини да извлече дополнителни суми од контото на клиентот, на пример за издувен систем од благороден челик, со четири издувни цевки со пречник од 89 милиметри. Следат бандажи со формат од 20, 21 или 22 инчи, со оптимирана тежина во споредба со стандардните бандажи.

Секако дека услугата на специјалистот од Кемптен чини соодветно. Само третманот на зголемување на моќноста за 100 КС чини 9.590 евра. Бандажите од 22 инчи, заедно со пневматици 265/30 R 22, се ценат на 6.230 евра, приспособливото подвозје Abt Level Control чини 2.070 евра, додека за издувот се потребни уште 5.100 евра.

[FAG id=24283]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака изгледа „бензинската станица“ на иднината според Nissan

PSA Group развива електрични автомобили со кинескиот Dongfeng