за

Audi RS 5 со 450 КС мора да изгледа убаво

Audi RS5 Sportback FL
Audi RS5 Sportback FL

Audi го освежи изгледот на RS 5, патем додаде и нов мултимедиски систем. Купето и купе-лимузината Sportback се ориентираат според изгледот на поголемите модели RS 6 и RS 7.

По три години од претставувањето, Audi подготви освежување за двата модели RS 5. Подновеното дуо се препознава по пошироката и пониска маска, со тридимензионална саќеста структура на решетката. Сменети се и браниците, праговите, како и формата на долниот отвор за воздух во предниот браник. На тоа се надоврзуваат познатите обележја на RS, како што се овалните издувни цевки и дифузорот што сега изгледа поагресивно. Арките на крилата, што и пред тоа беа проширени, сега добија уште 15 милиметри во ширина.

Матричните диодни светла со нов дизајн и препознатлива светлечка графика сега се вградуваат како стандард, со доплата се добиваат ласерски светла. Кај купето постои опција за ексклузивен покрив од карбон, со видлива структура. Тоа одзема „само“ четири килограми, но одзема таму кадешто е најчувствителното подрачје, така што и тежиштето соодветно се спушта.

New item by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста останува во темен тон, за уште повеќе да дојдат до израз педалите од благороден челик и алуминиумските украсни плочки во кокпитот. Специјалите седишта за RS може да бидат обложени и со мека „напа“ телешка кожа, секако со доплата. Со пакетот за дизајн RS, целиот кокпит добива акценти во црвена или сива боја.

Најголемата промена внатре е во мултимедискиот систем, сега со монитор што е издвоен од арматурната табла. Со дисплејот од 10,1 инчи може да се ракува директно или преку говорна команда, со што досегашниот ротирачки-притискачки контролер замина во пензија.

Преку посебната функција RS-Monitor, возачот може да ја проверува температурата на погонските компоненти, да се информира за надолжното и попречното забрзување или да ги следи притисокот и температурата на гумите.

Под хаубата останува битурбо V6 со 450 КС

Во погонската спрега нема измени. Познатиот 2,9-литарски битурбо V6 располага со 450 КС и ја испорачува моќта до осумстепен автоматик. Погонот quattro се подразбира, исто како и бруталниот вртежен момент од 600 њутнметри, на располагање меѓу 1.900 и 5.000 вртежи.

Спринтот до темпо сто трае 3,9 секунди. Подеднакво е убедлив и податокот за 13,9 секунди за спринт до 200 km/h. Крајната брзина вообичаено е ограничена на 250 km/h, но во комбинација со RS-дизајнерскиот пакет, таа може да се „помести“ до 280 km/h. Според новата норма WLTP, динамичарите на Audi во средната класа трошат 9,1 литри на 100 km (купе), односно 9,2 литри (Sportback).

Ексклузивен пакет за јубилејот

Audi Sport одбележува 25-годишнина. По тој повод, Инголштат нуди специјална серија под името „Jubiläumspaket 25 Jahre RS“, потсетувајќи на првиот RS2 од 1994 година. Тоа е очигледно по ногаро-сината боја на каросеријата. По желба, специјалниот модел може да се добие и во црна, сива или бела боја.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

https://www.instagram.com/p/CAVr8gHhFib/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Заклучено возило во гаража го чува акумулаторот од празнење

Заклучено возило во гаража го чува акумулаторот од празнење

Mercedes не дава поддршка за синтетските горива

Mercedes не дава поддршка за синтетските горива