за

Audi RS 4 Avant: Последна шанса за суперкомбито со мотор V8

Заврши производството на RS4, до појавувањето на хипермоделот од актуелната генерација на A4 ќе минат уште најмалку две години. Познавачите купуваат сега, со можност да се исценкаат за попуст од неколку илјади евра.

Веќе знаеме како изгледа новата генерација на Audi A4. Ги знаеме и техничките детали коишто прават моделот од средната класа на Audi во сé да биде подобар од претходникот. Единствено RS4 ќе остане подолго време без замена. Екстремната спортска верзија на база на A4 Avant е сосема извесно дека некогаш ќе се појави во нова генерација, иако уште не се знае точниот термин на неговата премиера. Актуелниот RS4 од генерацијата B8 беше претставен дури во 2012 година, цели четири години по стандардниот A4. Малку е веројатно дека до новото комби со срце на суперспортист ќе треба да се чека до 2019 година. Неговата премиера би можела да се очекува најрано во 2017 година.

Еден од последните атмосферски мотори V8

Новиот A4 во многу нешта е ист како претходникот, така што и наследникот на RS4 би требало да биде ист како стариот. Тоа, малку потешко. Сосема е извесно дека идниот RS4 ќе добие верзија на 4,0-литарскиот V8 со битурбо натполнење од поголемиот модел RS6. Браншата наголемо ги напушта атмосферските мотори и ги заменува со помали, со повеќекратно турбонатполење, па сегашниот RS4 е една од последните шанси да се дојде до примерок со атмосферски мотор, и тоа не каков било, туку V8 со принцип на високи вртежи.

audi rs4 avantИсто како првиот модел од серијата, Audi RS2 Avant од 1994 година, актуелниот RS4 се нуди само во каросериска форма на комби. Моќноста на моторот исто така е во согласност со традицијата. Врв! Осумцилиндарецот во V располага со зафатнина од 4,2 литри и постигнува 450 КС при 8.250 вртежи во минута. Вртежниот момент од 430 њутнметри се испорачува „рамно“ од 4.000 до 6.000 вртежи, а се дистрибуира преку постојан погон на сите тркала, со селективна распределба на вртежниот момент од тркало до тркало. „Врската“ меѓу моторот и тркалата е седумстепен менувач со двојна спојка. Со 107 КС по литар работна зафатнина, RS4 забрзува до сто за 4,7 секунди и доколку се ослободи ограничувањето, ќе вози и до 280 километри на час.

Единствениот проблем е тоа што продукцијата заврши и достапноста на моделот станува ограничена. Но, токму тука почнува трката на идните потенцијални сопственици. Со добра преговарачка техника или со упорно пребарување на мрежата, сé уште може да се најдат примероци по значително пониска цена отколку во екот на моделот. Нов примерок од ексклузивната серија Nogaro е малку потешко да се најде на вообичаените онлајн берзи низ Европа, а и тоа би чинело најмалку 95.000 евра пред увоз, но затоа има и примероци за коишто може да се исценкаат околу 80.000 евра. Секако дека цените ќе растат како што се намалува бројот на примероци на пазарот. А, како е на старо? Најмалку 60.000 евра за примерок од раната серија од 2012 година. Тоа е цената на екслузивноста на RS.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трка на премиум марките: Кој ќе биде број 1 до крајот на годинава?

Електричен камион од 40 тони разнесува товар за BMW