за

Audi RS 3 Sportback: Моќ во компактен формат

Audi RS3 Sportback е најсилниот сериски модел во премиум сегментот на компакт класата

Топ-моделот во гамата на A3 го доби најсилниот петцилиднарец во историјата на моделите RS, со 367 КС и моќ на забрзување до сто за 4,3 секунди. Секако, со тоа оди титулата на најсилен компакт.

Познавачите имаат причина зошто толку ги ценат петцилиндарските мотори на Audi: Зарипнат глас, брзо качување на вртежите и разорна моќ. Со новиот RS 3 Sportback со 367 КС и 465 њутнметри, Баварците го претставија најсилниот автомобил во премиум сегментот на компакт класата. Со моќниот петцилиндарец со турбонатполнење, цивилната комбилимузина со пет врати забрзува до сто за 4,2 секунди и по желба може да постигне крајна брзина од 280 km/h.

Петцилиндарците имаат долга традиција во Audi. Во 1980-те години тие го градеа спорсткиот имиџ на марката на трките и на патиштата. Моторот во RS 3 Sportback е најсилен сериски мотор од модуларната платформа на концернот VW

Седумстепениот менувач со двојна спојка S tronic работи уште побрзо отколку во претходникот и ја распределува моќта на 2,5-литарскиот турбобензинец со директно впрскување до постојаниот погон на сите тркала quattro. Погонот го распределува моментот одделно за секое тркало, со помош на интелигентен софтвер и со задача да понуди максимално уживање во возењето. Системот го дозволува и тоа: На мазна подлога, возачот може лесно да провоцира контролиран дрифт на RS 3.

Амортизери со променлива тврдина по желба на сопственикот

Вообичаено за моделите RS, погонот quattro е дотеран да понуди максимално уживање во возењето
Вообичаено за моделите RS, погонот quattro е дотеран да понуди максимално уживање во возењето
Во споредба со стандардниот модел, подвозјето на A3 Sportback е пониско за 25 милиметри. Лежиштата на предната оска, прогресивното управување, спортското подвозје што е специјално развиено за моделите RS и опционалниот Audi magnetic ride, којшто има повеќе степени на тврдост на амортизерите, изведени се посебно за RS 3. Со доплата може да се добијат и сопирачки дискови од карбон-керамика на предната оска, зад бандажите со пречник од 19 инчи.

Спортскиот настап на Audi RS 3 Sportback се комплетира со лути детали во каросеријата и во внатрешноста, како и со исклучително богата опременост. Новиот топмодел во семејството на Audi A3 ќе стартува со продажба на германскиот пазар во следното лето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хет-трик на Toyota на извештајот за квалитет на Auto Bild

Германците ќе стават крај на доминацијата на Tesla