за

Единствен преживеан од неговиот вид: V10 во Audi R8

Audi R8 V10 Performance pateka

Уникатноста е од непроценлива вредност во автомобилската индустрија. Кога некоја марка располага со техника којашто не постои кај останатите, таа марка добива престиж кој вреди многу повеќе од екстра коњските сили или километрите на час во крајната брзина. Audi располага со таква техника. Мотор V10 може да се добие само во Audi R8 и никаде на друго место. Поточно, во една марка што исто така е Audi.

Конструкторите го ценат V10 како круна на својата работа. Посилен од V8, но поефикасен од дванаесетцилиндарец, тој го претставува крајниот степен во развојот на мотори со високи перформанси. Десетцилиндарците беа во служба на кралицата на мотоспортот, на формула 1, во периодот меѓу 2000 и 2005 година, откако беа забранети турбо-моторите.

Овие мотори V10 постигнуваа нестварни моќи во болидите на Ferrari, Mercedes, Renault и BMW во формула 1. Суперагрегатите можеа да завртат и со преку 19.000 вртежи во минута, а единствено не брилјираа во поглед на ефикасноста. Тие искористуваа само 30 проценти од енергијата содржана во горивото. Денешните болиди постигнуваат ефикасност од дури 50 проценти.

Dodge Viper ACR

Dodge Viper (Фото: Flickr)

Конструкторите на автомобили за возење по обични патишта исто така се инспирираа од блискоста на V10 до мотоспортот. BMW M5 од 2005 година имаше десетцилиндарец, исто како и Lexus LFA. Првата асоцијација на V10 сепак е 8,4-литарецот во Dodge Viper. Тоа што многумина се шегуваат дека неговите 760 њутнметри повеќе одговараат за камион, исто така не мина без реализација. Dodge Ram SRT со овој мотор се впиша во Гинисовата книга на рекорди како најбрз сериски пикап во светот.

И традиционалниот „боксер“ Porsche не пропушти да вгради V10

Неизоставен е и Porsche Carrera GT, од 2003 година. Различно од тоа што го сугерира неговата ознака, овој автомобил не беше гран-туризмо, туку тркачка машина во коајшто можеше да функционира само врвна технологија. Соодветно на тоа беше поставена и цената, повисока од кој било друг модел на Porsche дотогаш: 452.690 евра за V10 со 612 КС и крајна брзина од 334 km/h. Необично за лимитираните моделски серии на Porsche, овој болид не ги достигна планираните 1.500 примероци. Продукцијата во Лајпцих, во најголем дел во рачна изработка, запре по 1.282 примероци.

Porsche Carrera GT oд 2003 година

Сите овие автомобили се впишани засекогаш во историјата. Единствениот модел во кого што преживеа мотор V10 е Audi R8, претставен првпат во септември 2006 година. Речиси единствен, затоа што истиот мотор во модифицирана изведба работи и во Lamborghini Huracan – меѓу другото, двата модела ја делат и платформата. И Lamborghini е целосно во сопственост на Audi.

Инголштат неодамна го освежи својот врвен спортист. Освежувањето во оваа категорија значи плус 30 КС, за вкупно 570 КС. Спринтот до темпо сто трае 3,4 секунди. Кој смета дека тоа е недоволно брзо, може да ја избере верзијата што сега се води како Performance, место под Plus како досега.

Во тој случај со педалот за гас треба да се контролираат 620 КС. За потрошувачката да се одржува во граници, моторот може да суспендира неколку цилиндри и да прикаже потрошувачка од 11,5 литри. Но, тоа е само теоретска вредност, затоа што овие автомобили се наменети за уживање, а не за одрекнување. Верзијата со мотор V8, не се нуди уште од 2015 година.

Audi R8 досега постигна продажба од близу 34.000 примероци

Од премиерата на моделот се продадоа околу 34.000 примероци. Најголем процент од возилата се испорачани во Северна Америка, на Средниот Исток и секако во Европа. Практичноста и багажникот од 112 литри сигурно не е тоа што ги привлекува купувачите. Тоа многу повеќе е заслуга на крајната брзина од 331 km/h – поточно, на свеста за оваа брзина, затоа што се работи за вредности кои се достижни само на тркачка патека.

Audi R8 пред и по моделското освежување


audi r8 coupe osvezuvanje

Продажбата на R8 V10 Quattro официјално стартува следната пролет, во четири варијанти: Купе и спајдер, при што вториов е потешок за стотина килограми поради каросериските зајакнувања, и по уште еден купе и спајдер, но во верзија Performance. Последново значи уште 50 КС дополнителна моќност, карбон сопирачки дискови и слична функционална „опрема“. Цената уште не е објавена официјално, но во секој случај не се очекува помалку од 165.000 евра во Германија.

Кои фирми испорачуваат делови за електричниот Audi e-tron

Audi R8 со освежен дизајн и поагресивно подвозје

Audi e-tron не е „само“ електричен СУВ

Петтиот Audi City во светот е отворен во Варшава

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

електрични автомобили во зима

Како изгледа зимата за возачите на електричен автомобил

rolls-royce cullinan probno vozenje

Пробно возење и за клиентите на Rolls-Royce