за

Audi R8 Spyder стартува со продажба во ноември

За неколку недели Audi ќе започне со испорака на R8 Spyder. Покрај изведбата со V10 со 540 КС се планирани и уште неколку мотори во понудата на отворената верзија на суперспортскиот модел на Audi.

Audi најави дека од следниот месец ќе започне со првите испораки на R8 Spyder. Отворената верзија на суперспортскиот автомобил чини најмалку 179.000 евра на германскиот пазар и располага со мотор V10 со работна зафатнина од 5,2 литри и моќност од 540 КС.

Спринтот до сто со овој двосед трае 3,6 секунди, а крајната брзина изнесува 318 километри на час. Во споредба со купе изведбата на R8, потрошувачката на гориво кај Spyder е намалена за дванаесет проценти, благодарение на исклучувањето на цилиндрите, функцијата на „едрење“, односно прекин во погонската спрега при отпуштање на педалот за гас, како и за 25 килограми пониската тежина. Според фабричките норми, Audi R8 Spyder троши 11,7 литри гориво на сто километри.

Понудата од мотори во гамата на R8 нема да остане само на верзијата со 540 КС. Наскоро следи моторот V10 со 610 КС од купето R8 plus, за подоцна обете каросериски изведби да добијат дополнително и мотори V8.

Покривот на Spyder тежи 44 килограми и изработен е од платно, алуминиум, магнезиум и карбон. Ракувањето со покривот може да се врши до брзина од 50 километри на час. Исто како и сите останати модели од одделението Quattro GmbH, коешто сега се води под Audi Sport, R8 Spyder располага со погон на сите тркала.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes првпат продаде над 200.000 возила за еден месец

За десет години повеќе електромобили отколку обични автомобили