за

Audi R8: Најсилен и најбрз сериски Audi во историјата

Новиот R8 останува верен на „традицијата“ од првата генерација на суперспортскиот Audi. Купето со четири прстени е едно од ретките што користи големи мотори без турбонатполнење.

Средишно вграден мотор со супериорна моќност што се постигнува само преку високи вртежи и без турбонатполнење, каросерија со лесна констуркција и екстремно динамично подвозје со погон Quattro и варијабилна распределба на вртежниот момент – тоа се карактерните црти на најспортскиот модел на Audi. Новиот R8 е уште постегнат, поостар и пофасцинантен, како на тркачките патеки, така и во секојдневното возење, најавуваат од Audi. „Со новиот Audi R8, нашите инженери ја пренесуваат огромната компетентност од тркачките патеки на патиштата. Со тоа, новиот R8 V10 е најсилен и најбрз сериски Audi на сите времиња,“ изјавува првиот техничар на марката, Улрих Хакенберг.

Десетцилиндарецот во две верзии: 540 и 610 КС

Моторот V10 со зафатнина од 5,2 литри е достапен во две верзии, со 540 КС и 610 КС. Посилната верзија забрзува за 3,2 до сто, за 9,9 секунди до двесте и продолжува до 330 km/h. Се работело и на звукот на атмосферскиот V10, којшто го постигнува највисокиот вртежен момент од 560 њутнметри дури при 6.500 вртежи и според техничарите звучи уште подлабоко и поостро. Новитет во 5.2 FSI е дополнителното индиректно впрскување, како надополнување на директното впрскување FSI, заради намалување на потрошувачката и зголемување на моќноста. Моторот располага и со технологија за исклучување на дел од цилиндрите при ниско оптоварување. Според нормите, R8 троши 11,9 литри бензин во верзијата со 540 КС, односно 12,4 литри во верзијата V10 plus, што е намалување за 10 проценти во споредба со претходникот, а меѓу другото произлегува и од новиот систем старт-стоп. Десетцилиндарецот се произведува рачно во унгарската фабрика на Audi.

Audi R8 V10

Силината се пренесува преку седумстепен S tronic и нов погон Quattro, со приспособлива распределба на вртежниот момент според условите на возење. Во екстремен случај, 100 проценти од моќта може да се пренесат само на предната или само на задната оска. Системот за приспособување на возната динамика Audi drive select располага со нов тркачки модус, во којшто најважните параметри за динамиката во возењето се приспособуваат според грубоста на асфалтот.

Лесни материјали за сува тежина од 1.454 килограми

И покрај новите ставки во опремата и поголемата крутост на каросеријата, новиот Audi R8 е до 50 килограми полесен од претходникот. „Просторната рамка“ на Audi е изработена во комбинација од алуминиум и карбон, поставувајќи нови мерила во тежината, крутоста и безбедноста при судир. Во аеродинамично оптимираниот под е интегриран долг дифузор, а подвозјето со двојни попречни водилки докажува колку R8 е близок до мотоспортот.

Диодни светла во серија, ласерски светла со доплата

Еден од највпечатливите детали во изгледот се стандардните диодни светла и динамичните задни трепкачи. Со доплата е достапна ласерска технологија за долгите светла. Инструментите се дигитални, а најважните прекинувачи се групирани на воланот, на т.н. сателити. Целиот кокпит е изведен едноставно и прегледно, по пример на тркачките болиди, пришто командите за клима уредот претставуваат пример за леснотијата во ракувањето. Навигацискиот уред MMI plus е стандарден, заедно со MMI touch – поле за внесување команди слично како кај лаптоп.

Audi R8 V10

Продажбата стартува во лето, со цена од 165.000 евра за R8 V10 и 187.400 евра за топ-верзијата R8 V10 plus. Производството се одвива во новоизградениот погон на Quattro GmbH во Хајлброн, во традиционална рачна изработка. Врз основа на „стандардниот“ модел произлегуваат уште две верзии, електричната e-tron со моќност од 462 КС и вртежен момент од 920 њутнметри и тркачката LMS, наменета за трки во GT3-шампионатот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Едномилионита „тројка“ од фабриката на BMW во Јужна Африка

Volkswagen и Hyundai со најголем раст во продажбата