за

Audi Q4 e-tron е веќе петти модел на струја до 2020 година

Audi Q4 e-tron concept Zeneva

Пред една година на истото место беше претставен првиот сериски Audi со електричен погон. Audi e-tron уште беше под маскирна фолија. Годинава следи уште еден автомобил на струја. Audi Q4 e-tron е концепт на компактен СУВ.

Два електромотора, по еден на секоја оска, произведуваат системска моќност од 225 киловати, односно 306 КС. Спринтот до темпо сто трае 6,3 секунди, крајната брзина е ограничена на 180 km/h. Батеријата со капацитет од 82 kWh ја користи речиси целата површина на подот меѓу двете оски. Досегот според новата норма WLTP изнесува 450 километри.

Компактниот СУВ на Audi на струја исто така ја користи платформата MEB на Volkswagen

Концептниот Audi Q4 e-tron се базира врз платформата MEB, којашто концернот Volkswagen ќе ја користи за мошне широк дијапазон модели, од компакт класата, до вишата класа. Сериската верзија на компакнтиот СУВ ќе биде петтиот модел со погон на струја што Audi ќе го претстави до крајот 2020 година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првите примероци од E-tron се испорачуваат веќе месецов, а подоцна годинава ќе следи и Audi e-tron Sportback. Во Кина ќе се произведува Q2L e-tron, кој ќе се произведува и продава локално. Во втората половина на 2020 пристига спортската купе-лимузина e-tron GT.

Мерките на каросеријата добиваат други размери со електричниот погон; Audi Q4 e-tron со димензии на компакт класа нуди простор на модел од средна класа

Со должина од 4,59 метри, ширина од 1,9 метар и висина од 1,61 метар, Audi Q4 e-tron речиси го достигнува највисокиот праг на компакт класата. Компактниот електричен погон овозможува многу попросторна кабина, така што со меѓуоскино растојание од 2,77 метри, во Q4 ќе може да се очекува простор како во средна класа. Секако, нема потреба ниту од кардан и кардански тунел, што само ја зголемува комоцијата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На возачите на електричниот СУВ ќе им се понудат свежи и живи бои во кабината, а ќе има и масовна примена на рециклирани материјали, на пример за теписонот. Место метал, ќе се користи основа од плексиглас, лакирана во повеќе слоеви, заради постигнување посебен впечаток.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дигитални инструменти веќе се подразбираат. Новитет е проекцискиот дисплеј со приказ на проширена реалност. Стрелките за навигацијата и останатите возни информации ќе се прикажуваат како да се нацртани на патот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Концептниот автомобил за Женева е лакиран во посебна „Solar Sky“ боја, која се менува зависно од аголот на светлината. Покрај тоа, бојата одбива дел од инфрацрвените зраци и го смалува загревањето на каросеријата и кабината.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во нормални услови, погонот пристига од задниот електромотор, со 150 kW и 310 Nm. При потреба од посилно забрзување или потреба од екстра тракција, за миг се вклучува предниот електромотор со 75 kW и 150 Nm. Батеријата подржува полнење со максимално 125 kW. Во тој случај, 80% од капацитетот се полнат за половина час. Батерискиот систем со своите 510 килограми е далеку од лесен, но токму тоа овозможува ниско тежиште како кај лимузина, што значи и соодветно динамични возни својства.

New photo by Automedia MK / Google Photos

До 2025 година, Audi ќе нуди дванаесет модели со погон само на струја. Една третина од продажбата ќе отпаѓа на автомобили со електрифицирана погонска спрега. Дел од техниката ќе се користи заеднички со Porsche, чијшто Taycan исто така стартува наскоро.

По хибриден погон кај специјалистот… Audi!

Audi e-tron во спектакуларно искачување по ски-патеката во Кицбил

Audi ќе произведува струја на 160.000 метри квадратни под соларни панели

Луто Audi што се фаќа во костец и со Porsche

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi Engelberg Tourer

Mitsubishi го прикажува идниот Outlander во Женева?

Renault Clio V Zeneva

Renault Clio ќе биде најпродаваната премиера од Женева