за

Audi Prologue Allroad: Третиот дел од „предговорот“

По прикажувањето на купето и комбито, сега следува третата варијација на концептот Prologue. Од овој автомобил со додавка Allroad може да произлезат два сериски модела.

Audi на крајот на минатата година го најави дизајнот на идните модели преку студијата Prologue. Пролетва следеше комби изведбата од автомобилот, за на салонот во Шангај на 22-ри април да следува третата верзија Prologue Allroad, подготвена за излети по теренот. Наспроти претходните изведби на студијата, Allroad располага со поголемо растојание од подлогата, како и со заштитни панели на крилата и на праговите, во вообичаениот стил на сериските модели со ова име. Промени има и под хаубата. Во Prologue сега работи хибриден погон во комбинација со бензински мотор и со системска моќност од 734 КС. Претходната верзија Avant имаше хибриден погон во комбинација со дизелски мотор, додека во првата студија работеше „обичен“ бензинец V8. Ова експериментирање со погонот не е случајност, Audi на тој начин ја испробува реакцијата на публиката.

Prologue е најава за следната генерација модели од високата класа од Инголштат. Новиот A8 и купе-верзијата со „логична“ ознака A9 се очекуваат да бидат претставени веќе в година, со многубројни елементи преземени од триото концептни возила Prologue. Дизајнот подоцна ќе биде применет и на останатите модели од гамата. Наспроти тоа, новиот A4, чијашто премиера ќе се одржи подоцна годинава на салонот во Франкфурт, ќе има само незначителни промени во актуелниот дизајн на Audi. Вториот модел врз когошто ќе има директно влијание студијата од Шангај е „кросоверот“ Audi A6 Allroad.

Покрај Prologue Allroad, на кинескиот салон на автомобили ќе бидат прикажани два хибридни модела со надворешно полнење на батериите – луксузниот теренец Q7 E-Tron со дволитарски бензинец и продолжената верзија A6L, исто така со бензински мотор и електромотор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ќе го претстави најлуксузниот модел во историјата во Шангај

Volvo S60 со хибриден погон само за кинескиот пазар