за

Audi PB18 e-tron како да вози на „четирифазна“ струја

Audi PB18 e-tron

Audi прикажува концепт на суперспортски автомобил на престижниот собир во Пебл Бич. Audi PB18 e-tron е првата од вкупно четирите студии со коишто марката ги поставува темелите за иднината

Можноста овој автомобил да се смеша со некој друг е минимална. Audi PB18 e-tron е широк колку брод и зинат е како ајкула, прикажувајќи го изгледот на суперспортскиот автомобил со погон на струја, што во иднина би можел да се појави под знакот на четирите прстени. Екстремниот e-tron има премиера на автомобилската недела во Монтереј, Калифорнија. До следното лето, Audi ќе прикаже уште три студии коишто ги поставуваат темелите за иднината.

PB18 e-tron е радикален спортски автомобил што не познава компромиси и замислен е за солидно ситуирани возачки фанови кои сакаат викендот да го минат на тркачка патека. Тоа е слично со Aston Martin Valkyrie, Mercedes Project One и McLaren Senna, со главната разлика во тоа што тие не возат на струја и се реалност.

Audi PB18 e-tron е прва од четирите студии што ја најавуваат целосната трансформација на моделската понуда на марката

Втората студија во серијата од четири ќе биде градски автомобил, по неа ќе следи теренец, додека последната студија ќе биде луксузен крстосувач. Концептот PB18 e-tron најавува дека студиите ќе направат значајна отстапка и во дизајнот, со пофутуристичка нота отколку досега. Логичната е помислата дека PB18 го најавува идниот R8. Тоа сепак не е случај, затоа што спортскиот модел ќе се појави в година само со малку порадикален фејслифт.

Впечатокот дека PB18 e-tron е екстремно широк се потврдува: Точно два метри. Тоа изгледа уште повеќе во комбинација со висината од 1,15 метар. Користењето на најразлични видови композити овозможува оваа тркачка машина да тежи само 1,55 тон.

Audi PB18 e-tron 10
Спојлер и дифузор кои се приспособуваат за оптимална аероднамичност, поглед „низ кауба“, лизгачки монокок за возачот – нема подрачје што останало непроменето

Дизајнерите му дадоа на спортскиот автомобил нешто што останатите го немаат. PB18 е спортско комби, односно Shooting Brake, со пристоен багажник од 470 литри. Впечатлив детал е тоа што возачот гледа директно низ маската – поради електричниот погон, напред е мошне „празно“. Дури и светлата се минималистички, но со макси-технологија. Типично за Audi, таму работат матрични светла, вклучувајќи ласери како долго светло.

Под масивните крила се кријат бандажи од 22 инчи, во стил на турбина. Отстрана се забележува дека каросеријата е исклучително ниска, но и тоа дека покривот продолжува до крај речиси по права линија. Во вратите се изведени длабоки канали низ коишто струи воздухот што излегува од предните поткрила и води кон задните поткрила.

Возачкиот монокок може да се преместува лесно затоа што нема механичка врска на педалите и управувањето

Најдрастичен детал се задните светла, кои отстрана потсеќаат на шпицестите завршетоци на светлата кај американските крстосувачи од 1950-те. Целиот опаш е црн и обложен е со стакло. Како актуелен дизајнерски стандард, задните светла формираат линија по целата ширина на возилото. И активната аеродинамика одушевува: Дифузорот и масивниот спојлер може да се извлекуваат наназад или да се вовлекуваат, зависно од брзината, со цел да се постигне оптимална аеродинамичност во моментот. Идејата функционира во помала мера во A7 Sportback или во Panamera.

Audi PB18 e-tron 7

Audi PB18 e-tron е двосед, но и едносед. Возачот практично има сопствена кабина во кабината. Тој седи во монокок, којшто се поместува странично. На обичен пат, монококот е во вообичаената положба, покрај левата врата. Во тој случај може да се пристапи до совозачкото седиште. На тркачка патека, монококот се преместува во средината на кабината. Тоа се постигнува лесно, затоа што педалите и воланот работат без класичната механичка врска, односно функционираат „преку жица“.

Во оваа студија не се предвидува функција на автопилот

Натписот „Level Zero“ на воланот има посебно значење. Дизајнерите сакаат на тој начин да укажат дека PB18 се разликува од досегашните студии на Audi, кои поседуваа напредни функции на автономно возење од повеќе нивоа, односно „левели“. Електричниов тркач нема автопилот.

Audi PB18 e-tron 2
Инструментите се проѕирни и овозможуваат возачот да гледа низ предната маска – напред е празно

Возачот ги добива информациите за возењето на OLED-дисплеј, којшто е проѕирен и на тој начин се надоврзува на „вториот ветробран“, односно на слободниот поглед што возачот го добива низ маската.
Три електромотори му даваат моќ на овој e-tron. Предната оска има еден електромотор со моќност од 204 КС, а два се назад, со заедничка моќност од 612 КС. Системската моќност на трите електромотори изнесува 680 КС, односно краткотрајно дури и 775 КС. Системскиот вртежен момент изнесува 850 њутнметри.

Со оваа моќност, спринтот до сто трае покусо од две секунди. Енергијата пристига од идната генерација батерии, со таканаречен цврст електролит. Досегот изнесува 500 километри според новите и построги норми. Техниката подржува и полнење под напон од 800 волти, што овозможува батеријата да се наполни за само 15 минути. Покрај сите овие технологии, можноста за индуктивното полнење на батеријата е речиси класика.

[FAG id=34548]

Најскапите олдтајмери во светот се собираат месецов во Калифорнија

Електричниот Audi e-tron полни удолу исто колку што троши угоре

Вака се пакуваат 1.018 КС во семејно комби: Abt Audi RS6-E

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Калашников ЦВ-1

Калашников произведува пушки, футроли за мобилен и … електромобил

Bugatti Divo premiera

Bugatti Divo: Четириесет каросерии по посебна нарачка, молам