за

Електричниот Audi e-tron полни удолу исто колку што троши угоре

Audi e-tron rekuperacija

Audi отпатува со прототипите на својот електричен СУВ на Пајкс Пик, да го провери ефектот на рекуперацијата. Според ветувањата, Audi e-tron за секој еден километар по надолнина произведува енергија за еден километар дополнително возење

Моќност од преку 400 КС и реален досег од преку 400 километри со едно полнење се вредности со коишто многумина возачи на Audi ќе се заинтересираат повеќе за електричниот погон. Уште повеќе, кога се има на ум спринт за шест секунди до темпо 100 и способноста сето тоа да го изведе комотен СУВ со димензии на Q5.

Audi e-tron, првиот електричен автомобил со четирите прстени, ќе има премиера на 18-ти септември во Сан Франциско, а кон крајот на годината ќе започнат и испораките. Дотогаш, јавноста ќе знае речиси сé за електричниот Audi. На пример, за способноста на Audi e-tron, на надолнина да ги наполни батериите (речиси) со исто толку енергија колку што ќе биде потребно за еден километар возење на право. Доколку e-tron можеше да го совлада истиот пат нагоре, тоа ќе беше веќе перпетум мобиле.

Audi e-tron rekuperacija 2

Баварците (да, и Audi е исто толку баварска марка колку BMW) отпатуваа со неколкуте прототипи од идниот e-tron на Пајкс Пик во САД, кадешто во почетокот на летово постави рекорд електричниот Volkswagen I.D. R. Целта на мисијата: Да се докаже таканаречениот рекуперациски концепт, односно повратокот на енергијата при сопирање.

Според производителот, Audi e-tron има најиновативен концепт на рекуперација

На истата локација, на којашто Валтер Рерл ја постигна најспектакуларната победа на Пајкс Пик, со Audi Sport quattro S1 во 1987 година, сега возеше Audi e-tron. На спуштање од врвот на висина од 4.302 метри, инженерите проверуваа колку енергија ќе се „врати“ во батеријата на електричниот СУВ. Станува збор за растојание од 31 километар и висинска разлика од 1.900 метри.

Audi го врши повратокот на енергијата со вртежен момент од 300 њутнметри и моќност од 220 киловати. Тоа се повеќе од 70% од погонската моќ на Audi e-tron. Моментно не постои друг автомобил што „рекуперира“ со толку висока стапка.

H4>Audi e-tron има три начини да произведе енергија при сопирање и движење под инерција

Техничарите на марката откриваат дека рекуперацијата учествува со близу една третина во максималниот досег на возилото. Таа се врши преку двата електромотора, но и преку електрохидрауличниот систем за регулирање на сопирањето.

За првпат се комбинираат три видови на рекуперација:
– Мануелна, преку префрлување во степен подолу со рачките зад воланот
– Автоматска, преку систем за асистенција што го предвидува сценариото на возење и
– Сопирачка рекуперација, со течен премин меѓу електрично и хидраулилно сопирање.

Без користење на обичните сопирачки, електричниот Audi рекуперира најмногу со 0,3 g, само преку електромоторите. Тоа се повеќе од 90% од сите забавувања во возењето. Nissan прв го искористи тоа во соодветно техничко решение, во e-Pedal.

Audi e-tron rekuperacija 5

Возачот може преку команди на воланот да избира меѓу трите степени на „моторно сопирање“. Во највискиот степен, брзината се смалува драстично при отпуштање на „гасот“. Во тој случај, возењето може да се врши само преку педалата за забрзување.

Електрохидрауличната регулација на сопирањето скусува до 20 метри од вкупниот пат на сопирање

Audi прв вградува електрохиудраулично активирање на сопирачките во електричен автомобил. Сопирачките дискови се вклучуваат во игра само кога возачот ќе запира посилно од 0,3 g. Предноста на електрохидрауликата е во екстремно брзата реакција. Audi наведува до 20 метри покус пат на сопирање во опасна ситуација – вклучувајќи го и патот додека реагира возачот.

Audi e-tron rekuperacija 3

Системот за сопирање сам избира дали e-tron ќе сопира преку електромоторите, преку класичните сопирачки или комбинирано – посебно на секоја оска. Педалата за сопирање не е поврзана со хидрауликата, а возачот не чувствува кој начин на сопирање е активен во моментот.

И уште неколку детали за погонот. Електромоторите располагаат со вкупно 360 КС и 561 њутнметри. Оваа максимална моќност може да се повика во времетраење од 60 секунди, повеќепати едноподруго. Крајната брзина е ограничена на 200 km/h.

Audi e-tron rekuperacija 4

Кога возачот ќе префрли во спортски модус и ќе ја притисне десната педала до долу, се активира буст-режимот. Во тој случај, моќноста на Audi e-tron се зголемува на 408 КС и 664 њутнметри.

Ефектот на рекуперацијата можеби е помалку значаен во Војводина или во Холандија, но во земја со толку многу планини како Македнија, прави возењето на струја да добие уште поголема смисла. Според ветувањата на Audi, за пат од Скопје до Охрид би било доволно во батеријата да се наполни енергија колку за до Стража. Патувањето понатаму би се одвивало со енергијата што ќе се добие при спуштањето. Но, тоа се уште само теории. Барем до крајот на годинава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Mustang 10 Mio

Ford Mustang во 10 милиони примероци

mercedes a-class amg-verzii

AMG изведбата од Mercedes A-Class ќе вози со над 450 КС