за

Audi e-tron: Електричен СУВ во напаѓачки модус

Audi e-tron

Audi e-tron ја имаше својата светска премиера во Лос Анџелес, мошне блиску до Tesla. Калифорнискиот е-пионер има причина за загриженост од конкуренцијата од Инголштат

Audi осмисли посебна сценографија за претставувањето на својот прв електричен автомобил. Посебно име за настанот, исто така. „The Charge“ отпрво асоцира на полнење, што е сосем природно кај автомобил што ја црпи енергијата на станици за полнење на батеријата. Сето тоа е сосем безопасно. Но, истиот овој збор, во англискиот јазик се користи и за напад. Кога ќе се земе предвид и локацијата за светската премиера на Audi e-tron, јасно е дека со „The Charge“ не се мислело на полнење, туку многу повеќе на напаѓање.

Стотици дронови ги исцртаа четирите прстени на Audi, како порака до Tesla: Ние доаѓаме

Audi e-tron Quattro 55, како што гласи целосното име на моделот, своето прво појавување пред светот го доживеа во крајбрежниот дел од Сан Франциско, во непосредно соседство на пионерот на електричниот погон Tesla. Мошне е веројатно дека никој од вработените во Tesla не ги видел 850-те дронови, како во вечерното небо над Калифорнија ги испишуваат четирите прстени на Audi. Но, пораката до најголемиот конкурент е испратена и таа гласи: „Ние доаѓаме“.

Audi e-tron 2

Автомобилот за когошто беше наменета сета оваа сценографија е СУВ долг 4,9 метри, со погон на сите тркала и со дизајн што се вклопува со останатите модели на Audi, со обичен погон. Тоа е различен пристап од оној на Mercedes, чијшто прв електричен СУВ имаше премиера пред само неколку денови, кога сите ја забележаа стилската посебност на Mercedes EQC. Марката од Инголштат на тој начин сака да каже дека Audi секогаш е Audi без оглед на погонот.

Основата на e-tron доаѓа од модуларната платформа MLB, којашто ја користат големите СУВ-модели од концернот. Секоја оска има сопствен електромотор. Напред работи електромотор со моќност од 125 kW, односно 170 КС, задниот располага со 190 КС. Краткотрајно се постигнуваат 14 КС плус напред и 34 КС назад.

Батеријата тежи речиси колку „југо“

Батеријата тешка 699 килограми е поставена ниско меѓу двете оски и тоа навестува добри возни својства. Во истиот правец оди и распределбата на тежината во сооднос 51:49 меѓу оските. Опција е пневматска амортизација и прогресивно управување, односно променлив преносен однос во упраавувањето.

Audi e-tron 4

Системскиот вртежен момент изнесува 561 њутнметри, а спринтот до темпо сто трае 6,6 секунди. При вклучен „буст“, времето се скусува на 5,7 секунди. Крајната брзина е ограничена на 200 километри на час. Батеријата е развиена во Инголштат и се произведува во Ѓер, Унгарија. Нејзиниот капацитет изнесува 95 kWh. Посебен систем за ладење се грижи температурата на батеријата да се одржува меѓу 25 и 35 oC, како при полнење на станица со моќност од 150 kW, така и при возењето.

Реално може да се калкулира со досег од околу 300 километри

Досегот според новата, построга норма WLTP изнесува 400 километри. Во реалноста може да се очекуваат до 300 километри со едно полнење. Само од оптимираната аеродинамика „доаѓаат“ 35 километри досег. Голем придонес за тоа имаат ретровизорите – кои не постојат во нивната класична форма и функција. Камери го снимаат просторот зад возилото и го прикажуваат на големите дисплеи што се вградени во вратите.

Audi e-tron 5

Поради тоа што електричниот погон одзема помалку простор од обичниот погон, просторот во кабината е како кај автомобил од класа погоре, а тоа важи особено за задната клупа. Долниот раб на багажникот е малку повисок од вообичаено, но во секој случај се добива искористлив и голем багажен простор.

Audi e-tron е осетно поевтин од споредлива моделска изведба на Tesla Model X

Напаѓањето на коешто мислеле стратезите на Audi под „The Charge“, најмногу се однесува на цената. Audi e-tron на германскиот пазар ќе стартува од 79.900 евра. Тоа се 15.000 евра помалку од споредлива моделска изведба на Tesla Model X. Ценовникот за САД исто така започнува од 74.800 долари, односно 64.140 евра, што повторно е под цената на Tesla.

Audi e-tron 3

Audi e-tron е почеток на големата офанзива од електрични модели. Во следните неколку години ќее бидат лансирани 20 модели со електрифицирана погонска спрега – вклучувајќи и плагин-хибриди – од кои половината ќе бидат СУВ. Следниот чекор е купе изведбата e-tron Sportback, којашто пристига в година, а во 2020 е ред и на e-tron GT. На салонот во Лос Анџелес, во октомври, ќе биде приажана студиската верзија за овој модел.

Продажбата на Audi e-tron quattro 55 на германскиот пазар ќе стартува за само неколку недели.

Стартува производството на електричниот Audi e-tron

Audi PB18 e-tron како да вози на „четирифазна“ струја

Електричниот Audi e-tron полни удолу исто колку што троши угоре

Вака изгледа внатрешноста на електричниот Audi e-tron

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрично Mini, електрични возила

Електричен конвој утре вози низ центарот на Скопје

BMW Z4

На овој BMW Z4 само небото му е граница