за

Audi A5 Coupe може уште три генерации да остане во истата форма

Во случајот на новиот A5 Coupe почнува да се допаѓа упорноста на Audi да не воведува драстични промени во дизајнерскиот израз. Тоа што Валтер де Силва го создаде пред речиси деценија, ќе остане вредно безвремено.

Пред девет години Audi постигна револуција воведувајќи го стилот од најблагородните класи во купето од средната класа A5. Валтер де Силва стана херој на дизајнерската сцена. Сега следува втората генерација на купето на база на A4, со големо наследство и уште поголеми исчекувања од фановите. Изгледот на новиот A5 сепак не носи револуција, тоа е една од стратешките определби на Audi и тука нема отстапување – барем додека не се појави следната генерација на знаменосецот A8, како прв носител на новата дизајнерска препознатливост на баварската марка, по пример на серијата студии Prologue.

Препознативата линија по страниците на каросеријата останува и кај новакот, со големи заоблувања во крилата што треба да укаже на гордоста на Audi, погонот quattro. Долгата хауба, кусите каросериски превиси и долгото меѓуоскино растојание се стандард на добар дизајн на купе. Маската е поширока и со посуверен стил, а вообичаено за Audi, задните диодни светла и опционалните диодни или матрични предни светла прават возилото да биде препознатливо и ноќе – вклучувајќи ги и динамичните трепкачи, како еден мал генијален трик.

Audi S5 Coupé

Понудата од мотори ја сочинуваат два бензинца и три дизели, со моќност меѓу 190 и 286 КС, што е значително повеќе во споредба со претходникот. Според Audi, просечната моќност на моторите во новиот A5 Coupe пораснала за 17 проценти, додека потрошувачката истовремено се намалила за 22 проценти. Најголемата гордост на марката со четирите прстени во тој поглед се двете веријанти на шестцилиндарскиот дизел 3.0 TDI. Заедно со стандардните изведби пристига и спортската верзија S5, со нов трилитарски TFSI. Шестцилиндарецот во V со турбонатполнење постигнува 354 КС, што е 21 КС повеќе отколку претходникот.

Осумстепениот triptronic е резервиран за 3.0 TDI со 286 КС и за 3.0 TSI во S5, кои стандардно поседуваат погон на сите тркала quattro, додека за останатите моделски изведби се достапни шестстепен мануелен менувач или седумстепен S tronic. Опција е спортски диференцијал за задната оска, за уште поголема динамика.

Подвозјето е комплетно сменето, впрочем и основата потекнува од A4. Со доплата е достапно приспособливо подвозје, со повеќе степени на местење на амортизацијата и реакцијата на погонската спрега. Електромеханичкото сервоуправување придонесува за динамиката, со можност и таа да се надгради со доплата за динамично управување, со променлив преносен однос во зависност од брзината и завртувањето на воланот.

Тежината е намалена за 60 килограми во споредба со претходникот

По пример на новиот A4, каросеријата на купето е полесна за 60 килограми во споредба со претходникот. A5 Coupe е шампион во класата и во поглед на аеродинамиката, со коефициент 0,25. Порастот во димензиите на каросеријата и во меѓуоскиното растојание оди во корист на просторната понуда. Дизајнерите дополнително се погрижиле за просторното чувство, со хоризонталната ориентација на линиите во кокпитот. Како некрунисан лидер во играта со осветлувањето, Audi со доплата може да вгради амбиентално осветлување со избор од 30 бои. Во Audi се особено горди и на акустичниот комфор во кабината, кој е на ниво на модел од вишата класа.

audi a5 coupe 00014

Багажникот со 465 литри нуди десет литри повеќе од претходникот. Задната клупа се дели во сооднос 40:20:40 и се соборува преку рачка во багажникот. Отворањето на багажникот со замавнување со стопало под браникот е веќе видена финта.

Внатре пристига виртуелниот кокпит, познат од TT и A4, со пречник од 12,3 инчи и резолуција од 1.440 х 540 точки. Централниот прекинувач MMI е веќе неразделен дел од марката, сега со поле што реагира на допир и препознава внесување букви и знаци со прст. Ракувањето со ова поле покрај MMI во основа е идентично со ракување со паметен телефон. Како надополнување на можностите за ракување следуваат и унапредени говорни команди, кои „разбираат“ и реченици, место само одделни зборови. Нов модел во оваа класа повеќе не смее да се појави без Apple Car Play, Android Auto, безжично полнење телефон, или опционално со пристап на интернет, па дури и прием на дигитален ТВ-сигнал. За врвно озвучување се грижи Bang & Olufsen, секако и тоа со доплата.

Продажбата стартува наесен, се чека уште RS 5

Од системите за асистенција стојат на располагање „советник за штедење гориво“, систем за активно следење лента, приспособлив темпомат кој самостојно го запира и поаѓа возилото во колона, самостојно паркирање, предупредување при отворање врата, камера за сообраќајни знаци – секаков вид асистенција што во моментов може да се замисли, A5 ја нуди.

Продажбата стартува наесен. Audi посочува дека значително ја збогатил сериската опрема на купето, вклучувајќи ксенонски светла со диодни дневни светла и диодни задни светла, диоди во кабината, радио MMI plus, блутут и усб, мултифункциски волан, моторизирани „подавачи“ на безбедносните ремени и приспособливо подвозје Audi drive select.

[FAG id=24589]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осумцилиндарецот на Ferrari ја освои титулата на светски мотор на годината

Студијата на Peugeot во чест на Инди 500 носи голема најава